Колку е безбеден планот на НАСА за освојување на Марс?

СПОДЕЛИ

Минатата година, НАСА го објави својот план од три фази за слетување на Марс до 2030 година, што е прилично амбициозно. Но, сега, годишниот извештај од Советодавното тело за воздухопловна безбедност на САД (ASAP) ја преиспитува безбедноста на тој подвиг, односно се сомнева дали американската вселенска агенција ќе биде способна да ја спроведе таа мисија со прифатливо ниво на ризик.

Главните прашања се фокусираат на ограничениот буџет на НАСА, количината на технологија која треба да ја развие за да стигне на Марс, како и кусиот рок кој сама си го постави. Покрај тоа, „ASAP“ изрази загриженост поради недостатокот на детали во извештајот на агенцијата кој беше објавен во октомври мината година.

Советодавното тело за воздухопловна безбедност на САД (ASAP) е формирано во 1968 година со цел да дава препораки за безбедноста на администраторот на НАСА. Оваа година, голем дел од тие препораки се однесуваат на патувањето до Марс. Имено, тие велат дека иако во документот се идентификуваат неколку специфични технологии кои ќе бидат потребни за да се спроведе мисијата, не е наведен дизајнот и изработката на истите, а без тоа е тешко правилно да се опфати и оцени можноста сето тоа да се оствари во соодветното време.

Од друга страна пак, НАСА вели дека е премногу рано за со сигурност да се утврдат плановите, со оглед на денешните ограничени технологии, и се надева дека во следните две децении ќе бидат направени подобрувања кои радикално ќе го сменат начинот на кој ги градиме ваквите системи. Покрај тоа, стравува дека доколку ги објави плановите уште од сега, тие ќе бидат предмет на критика на идните администрации.

Меѓудругото, ова е уште една од причините поради кои „ASAP“ се сомнева во планот на НАСА. Во секој случај, организацијата верува дека добро организирана мисија, со резултати кои ги надминуваат ризиците, ќе ја добие потребната поддршка од идните администрации, Конгресот и пошироката јавност и очекува од НАСА да докаже дека ова е една таква мисија. Во спротивност, ќе треба да го смени пристапот или да ја смени мисијата.

Дискусија

Коментари