Според проценките од најобемната научна студија што досега е направена, Земјата веројатно е дом на повеќе од еден трилион различни видови. Ова значи дека ние досега сме идентификувале исклучително мал број од нив – само еден илјадити дел од еден процент.
Биолозите од САД дошле до оваа проценка преку комбинација на податоците од повеќе од 35.000 одделни анализи на микроскопските и немироскопските видови. Со оваа масовна збирка од документирани живи форми, опфатени се 5,6 милиони примероци од видови од локации од сите светски океани и копнената маса (со исклучок на Антарктикот).
Ако проценките на научниците се точни, имаме уште долг пат пред да видиме што сѐ има Земјата да понуди.
Иако ова не се први обиди научниците да го утврдат точниот број на живи суштества на планетава, новите достигнувања во генетската анализа овозможуваат многу попрецизна проценка, во однос на постарите методи што се користеле во минатото, особено кога се работи за микроскопските форми на живот.
Овие напредни алатки, како што е брзото секвентирање на целиот геном, овозможуваат сосема нова перспектива за неверојатното количество на микроорганизми кои може да постојат, дури и во толку мали простори како што е едно зрнце нечистотија, објаснува Џеј Т. Ленон од Универзитетот Индијана, еден од истражувачите.
Благодарение на податоците од студиите кои користат нови техники за идентификација – меѓу кои обемните студии „Human Microbiome Project“, „Tara Oceans Expedition“ и „Earth Microbiome Project“, истражувачите успеале да направат нов модел на проценка со кој се предвидува колку типови на се’ уште невидени форми на живот можат исто така да егзистираат, неоткриени, во истата средина.
Според овој модел, научниците проценуваат дека на планетава живеат и до еден трилион видови, од кои 99, 999 проценти останува допрва да се најдат и да се класифицираат, што значи дека е мала веројатноста дека ќе успееме некогаш да ги категоризираме сите од нив.
„Нашите анализи укажуваат дека постојат повеќе микробиолошки видиви на Земјата отколку ѕвезди во нашата галаксија. Ваквите откритија водат до големи промени во начинот како го гледаме дрвото на животот и скоро е сигурно дека ќе биде потребно да се ревидираат учебниците по биологија“- вели Ленон за „The Australian“.
Наодите се објавени во „Proceedings of the National Academy of Sciences“.