Ледено доба поттикнало напредна изработка на алатки во древна Кина

Археолози на локалитетот Линѓинг во централна Кина откриле дека древни луѓе изработувале изненадувачки сложени камени алатки пред околу 146.000 години, во период на сурово ледено доба. Според истражувањето, ова ја менува досегашната претстава дека технолошката креативност најчесто се развивала во потопли и постабилни услови.

Наодите се поврзуваат со Homo juluensis, изумрена човечка група сродна со современиот човек. Истражувачите наведуваат дека оваа популација имала комбинација од анатомски особини познати и кај други древни човечки групи, вклучително и голем мозок, што дополнително го засилува интересот за нивните способности и однесување.

Камените јадра пронајдени на локалитетот на прв поглед изгледаат едноставно, но подеталната анализа покажала внимателно организиран начин на обработка. Наместо случајно кршење на каменот, изработувачите планирале како да добијат остри и употребливи отсечоци. Кај дел од примероците двете страни биле обработени рамномерно, додека кај други едната страна служела како ударна површина, а другата била подготвена за контролирано создавање остри парчиња.

Таквиот пристап, според авторите, покажува разбирање на каменот како тридимензионален објект и добро познавање на начинот на кој се крши материјалот. Тоа укажува на планирање, прецизност и посложено размислување, слично на технолошките системи што често се поврзуваат со средниот палеолит во Европа и Африка.

Особено важен дел од студијата е новото датирање на локалитетот. Научниците искористиле ситни кристали калцит во животински коски, каде што природно се наталожува ураниум што со текот на времето се претвора во ториум. Со мерење на односот меѓу тие елементи, тие добиле попрецизна старост на наоѓалиштето.

Претходно се сметало дека алатките се стари најмногу околу 126.000 години и дека потекнуваат од потопол меѓуледен период. Новата анализа, меѓутоа, ја поместува староста за приближно 20.000 години наназад, директно во студена глацијална фаза. Токму таа промена на временската рамка е клучна, бидејќи сугерира дека овие луѓе развивале сложена технологија додека се соочувале со силен еколошки притисок.

Истражувањето отвора пошироко прашање за човечката еволуција: дали тешките услови понекогаш ја забрзуваат иновативноста наместо да ја попречуваат. Во случајот со Линѓинг, доказите одат токму во таа насока и покажуваат дека источна Евроазија имала побогата и понапредна технолошка историја отколку што долго време се претпоставувало.