Високо-ентропичните легури се материјали кои се составени од пет или повеќе метали, во приближно иста количина. Овие материјали, моментално се во фокусот на вниманието на научниците и инженерите поради можноста да покажуваат одредени посакувани својства.
Истражуважите од Универзитетот во Северна Каролина помешале литиум, магнезиум, титаниум, алуминиум и скандиум и добиле нанокристална високо-ентропична легура која има мала густина, но голема цврстина.
„По густината може да се спореди со алуминиумот, но цврстината му е поголема од титаниумските легури. Ваква комбинација на голема цврстина и мала густина не поседува ниедна метална легура до сега. Соодносот на цврстината со тежината може да се спореди со керамиката, но сметаме дека е помалку кршлива“, истакнуваат истражувачите.
Ваков материјал, лесен а цврст, може да најде голема примена кај возилата или за изработка на протетски помагала.
Еден од главните проблеми во овој момент е тоа што легурата содржи 20 проценти скандиум кој е екстремно скап. Затоа се потребни понатамошни истражувања за да се види дали скандиумот може да се изостави или да се замени, истакнуваат истражувачите.