Јапонски научници создадоа стакло што не се крши

Тајната состојка во ова ултра цврсто стакло е алуминиум оксид, состојка која е позната по својата цврстина и на Мосовата скала се наоѓа веднаш по дијамантот. Оваа состојка помешана со силициум диоксид го прави стаклото исклучително цврсто. Но, претходните обиди да се додаде алуминиум оксид во стаклото биле неуспешни, бидејќи смесата кристализира штом ќе се допре до каков било сад, што оневозможува стаклото да се формира. Научниците успеале да го надминат овој проблем со тоа што, наместо во сад, состојките ги помешале во воздух, користејќи го процесот наречен аеродинамична левитациона техника. Добиеното стакло е транспарентен 50 процентен алуминиум оксид, што според цврстината и еластичноста може да се споредува со железото и челикот.

Резултатите од истражувањето што се објавени во списанието „Scientific Reports“, покажуваат дека материјалот покажува „добри механички својства, високо ниво на транспарентност и висока рефракција“.

Можноста да се изработи супер цврсто стакло ќе доведе до цела нова генерација на стакло за прозорците во зградите или автомобилите. Една од предностите е и тоа што стаклото може да биде многу цврсто и кога е тенко, што го прави погодно и за малите електронски уреди, како компјутерите, таблетите и паметните телефони.

Истражувачите се надеваат дека ова стакло ќе биде комерцијално достапно во рок од пет години.

Поддржете ја нашата работа: