Лифт што се движи и хоризонтално и вертикално

Германскиот технолошки гигант „ТисенКруп“ (ThyssenKrupp), неодамна ја  претстави новата технологија која овозможува повеќе од една кабина во отворот на лифтот и можност лифтот покрај вертикално да се движи и странично. Се верува дека ова радикално ќе ја промени модерната архитектура, бидејќи централниот блок на отворот за лифтот нема повеќе да претставува ограничувачки фактор при дизајнирањето на зградите. Станарите ќе заштедат време, благодарение на повеќето лифтови, а ќе се добие и простор за повеќе станови, канцеларии и останати простории.

Клучот на успехот на оваа технологија е линеарниот мотор, којшто го адаптирале од трансрапидниот воз базиран на магнетна левитација (Transrapid magnetic levitation train) кој, во соработка со „Сименс“, беше направен за Шангај.

Нема да има потреба од повеќе мотори скриени некаде во зградата, бидејќи ќе биде доволен само еден мотор за кабините да можат да се движат и вертикално и хоризонтално. Движењето нa кабините ќе биде поврзано, со што времето на чекање ќе се намали на само 15 до 30 секунди.

Во „ТисенКруп“ велат дека ако решиме да ги замениме старите лифтови со новата технологија, во зависност од висината, може да заземат и до 50 проценти помалку простор.

Првата зграда што ќе го има овој прототип систем, се гради во Ротвеил (Rottweil), Германија. Се очекува да биде завршена во 2016 година, кога јавноста ќе може да го испроба системот.

Германсиот гигант се обидува оваа маглев- технологија (maglev) да ја примени и во други области. Оваа година тие развија платформа за побрзо движење на пешаците. Секоја платформа има сопствен мотор и кога ќе стапнете на неа се движи поспоро, но во меѓувреме може да развие брзина и до 7 километри на час. Главната цел на ваквиот вид на транспорт се аеродромите и превозните системи со краток опсег во урбаните средини.

Поддржете ја нашата работа: