Во најновото истражување, јапонските научници откриле дека мачките имаат еднаква интелигенција како и кучињата кога е во прашање епизодното памтење.
Епизодно паметење е вид на долгорочно паметење, кое се формира во делот на мозокот наречен дорзален хипокампус, а заслужен е за автобиографски сеќавања, како на пример последниот конзумиран оброк.
Кога станува збор за животните, тешко е да се каже дека тие воопшто имаат таква меморија, меѓутоа неодамна е докажано дека кучињата поседуваат таква способност, а сега им се придружуваат и мачките.
Во студијата, научниците проучувале 48 мачки, кои морале да се потсетат од која чинија веќе јаделе, а која не ја користеле после 15 минути од самиот чин. Авторите на студијата велат дека мачките точно знаеле од која чинија, па дури и која храна ја јаделе.
Сахо Такаги од Универзитетот во Кјото верува дека мачките и кучињата можат да се сетат на минат настан, што значи дека и тие како кучињата имаат епизодна меморија. Таа додава дека мачките сакаат активно да се потсетуваат на минатите искуства.
“Мачките имаат иста интелигенција како и кучињата, што е спротивно на вообичаеното верување дека кучињата се попаметни од нив”, вели Такаги. Таа смета дека ова истражување може да помогне во градењето на подобри односи меѓу сопствениците и нивните миленици.
Научниците во иднина ќе се обидат да откријат дали мачките можат да се сетат на настаните од далечното минато. Истражувањата покажаа дека кучињата имаат слични сеќавања поврзани со одредено време и место.