„Магична клупа“ на Дизни овозможува „зголемена реалност“ во реално време

Истражувачкиот тим на Дизни смисли нов начин како да им овозможи на повеќе луѓе одеднаш да уживаат во технологија на зголемена реалност додека се во истата соба, без да носат очила или да зависат од апликација на паметен телефон.

Иновативниот пристап кон AR (augmented reality) технологијата, беше објавен во средата, а Дизни го нарекува „Магична клупа“.

Користејќи сензори за длабочина и боја на Мајкрософт Кинект, тимот успеал да созаде тродимензионална реконструкција на сцената во собата, овозможувајќи им на вистинските луѓе и виртуелните ликови да бидат во интеракција во реално време.

Луѓето кои седат на клупата може да ја гледаат сопствената интеракција со виртуелните ликови на огромен екран, сместен пред клупата.

Но, технологијата е повеќе од визуелна – функционира и чувството за допир. Под клупата има неколку сензори кои кореспондираат на движењата на виртуелниот лик, давајќи и на вистинската личност која седи на клупата чувството дека физичко битие со тежина и влијание ја дели клупата со неа.

Истиот ефект се користи за да се симулира чувство дека дождовни капки паѓаат на клупата. На крај, клупата има и неколку звучници, кои емитуваат звуци за да го зголемат ефектот дека сè се случува во реалноста.

Крајниот резултат на физичкиот и софтверскиот свет е искуство во зголемена реалност и реално време, кое може да го доживуваат онолку луѓе колку што собира на клупата.

Извор: Радио МОФ

Поддржете ја нашата работа: