Маларијата потекнува уште од времето на диносаурусите

СПОДЕЛИ

Според најновите проценки на Светската здравствена организација, во 2015 година биле забележани повеќе од 200 милиони случаи на маларија, од кои 438 илјади завршиле со смртен исход.

Се смета дека маларијата во сегашната форма еволуирала пред помеѓу 15 илјади до 8 милиони години и се пренесува преку убод од женка комарец од видот „Anopheles“. Меѓутоа една нова студија покажува дека овој древен убиец бил присутен на планетава многу порано отколку што претходно се мислеше.

Според ентомологот Џорџ Поинар од Државниот Универзитет во Орегон, потеклото на болеста може да се проследи наназад до праисториската ера, што значи дека е можно диносаурусите да биле едни од првите ‘рбетници носители на маларијата. Поинар сугерира дека доказите од фосилите покажуваат дека е можно видовите на маларија што и претходеле на денешната маларија да биле пренесувани преку убод од други видови на инсекти, како што се малите мушички.

Ако е тој во право, претходниците на денешната маларија влијаеле на опстанокот и еволуцијата на животните на Земјата од многу поодамна отколку што се мислеше претходно.

25942309152_4a4ef3995e_oВо документот што беше објавен во „American Entomologist“, Поинар изнесува докази од фосили од раниот Креда период, каде мушичка од изумрениот род „Protoculicoides“ изгледа дека е инфицирана од маларичниот паразит „Paleohaemoproteus burmacis“.

На сликата погоре, грутчињата што се забележуваат во долниот десен дел од инсектот претставуваат спори кои го пренесуваат маларичниот паразит – зачуван во килибар во Мјанмар.

Поинар сугерира дека е можно и други древни инсекти, како што се песочните муви, комарците и коњските муви да биле преносители на маларијата, но од сите нив, малите мушички се најстари. Нивните фосилни остатоци датираат од пред 140 милиони години, што би можело да значи дека тие биле првите инсекти носители на древната маларија.

Иако Поинар не тврди дека древните форми на маларија практично ги збришале диносаурусите, сепак тој смета дека изложеноста на праисториските рептили на оваа болест преку инсектите би можела да има влијание на некои видови диносауруси од тој период.

„Познато е дека во тој период се случиле катастрофални настани, како што се удари од астероиди и изливи на лава. Но јасно е и дека диносаурусите полека исчезнувале во текот на илјадници години, што укажува дека имало и други причини кои исто така одиграле улога во нивното исчезнување. Болестите предзвикани од патогени организми, меѓу кои и маларијата, исто така се појавуваат во тој период“- истакнува Поинар.

Дискусија

Коментари