Машина со интелигенција на мало дете

Брзиот напредок во областа на комјутерските науки во последниве години доведе до создавање на комјутери со импрeсивна моќ. Овие машини веќе долго време се подобри од луѓето во аритметика, во одредени игри, како шахот, а од скоро и во напредните модели на препознавање, како што е препознавањето на лица.

Сепак, сѐ уште нема одговор на прашањето до кој степен овие способности се еднакви со човечката интелигенција.

На ова прашање, одговор до некаде дадоа истражувачите од Универзитетот Илиноис во Чикаго и група истражувачи од Унгарија.

Тие подложиле еден од најмоќните системи сo вештачка интелигенција – наречен „КонцептНет4“, развиен од Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ), на стандарен тест за коефициент на интелигенција наменет за луѓе.

Резултатите покажале дека и покрај тоа што во последните години компјутерите станале многу помоќни, сепак им треба уште усовршување за да го достигнат нивото на човечките можности.

Тестот за коефициент на интелигенција кои го избрале истражувачите е познат како „WPPSI-III VIQ“. Овој тест често се користи во САД за деца на возраст од 2 години и 6 месеци до 7 години и 3 месеци и ги мери перформансите на децата во пет категории: информации, вокабулар, расудување, разбирање и сличности.

Прашањата биле модифицирани, за да може компјутерот правилно да разбере што значи прашањето.

Тестот покажал интересни резултати. „КонцептНет4“ бил добар во „вокабулар“ и „сличност“, просечен во „информации“ и лош во „расудување и „разбирање“.

„Резултатите на „КонцептНет4“ покажале коефициент на интелигенција еднаков на 4- годишно дете, но под нивото на 5 до 7- годишно дете“ – гласи заклучокот на истражувачите.

Треба да се напомене дека системот „КонцептНет4“ датира од 2012 година, а оттогаш е развиена нова генерација „КонцептНет5“.

Авторите нагласуваат дека постојат разни начини да се подобрат резултатите. Еден од начините е да му се дадат способности на компјутерот за процесирање на природниот јазик, а такво нешто веќе станува возможно со онлајн асистенцијата, како што е „Siri“, „Cortana“ и „Google Now“.

Поддржете ја нашата работа: