Менструација во вселената

Уште од самите почетоци, прашањето што ќе се случува со менструацијата на жените во  вселената претставува мистериозно прашање за научниците од НАСА. Вселенските мисии се поврзани со безбројни планирања, но сѐ до 1983 година, кога НАСА ја испрати првата жена астронаут Сали Рајд во вселената, тампоните и влошките не биле дел од тие планови.

Медицинските тимови на НАСА не биле сигурни како ќе делува микрогравитацијата на менструалниот циклус – или што точно би се случило ако жената астронаут добие менструација во вселената. Дали крварењето би се одвивало нормално или крвта би се блокирала во матката што на крајот би предизвикало здравствени проблеми.

Се покажало дека менструалниот циклус во вселената не се разликува многу од оној на Земјата. Веќе со децении жените без проблем одат и престојуваат во вселената. Но, еве каде е проблемот: сите податоци во врска со менструалниот циклус кај жените во вселената се однесуваат само на краткорочни вселенски мисии.

Истражувачите сега се соочуваат со прашањето што ќе се случува со менструацијата на жените астронаути при долгорочните мисии, како оние на Марс и подалеку.

1461187030780706

Системите за отстранување на отпадот на Меѓународната вселенска станица не се дизајнирани да го решат проблемот со менструалната крв, бидејќи тоалетите се поврзани со системи за обработка (што ја рециклираат урината во вода за пиење). Личната хигиена во вселената е далеку од идеална со оглед на лимитираните објекти за туширање и резервите на вода, па затоа справувањето со менструацијата за време на вселенските летови не е така едноставно како што е на Земјата.

Поради ова, како што пишува во новото издание на „Microgravity“, сѐ повеќе жени астронаути земаат орални контрацептиви за да го спречат менструалното крварење и за време на обуките и за време на вселенските летови. За потиснување на менструалното крварење најчесто се користи таблета прогестерон.

Втората најчесто користена опција е спирала, која доктор ја поставува во внатешноста на матката и која може безбедно да стои во матката до три години. Овие уреди можат да бидат метални или хормонални, од кои вторите се поефикасни.

Друга опција се поткожни импланти кои се безбедни за користење до три години.

И на крај, тука се инјекциите, особено депо-инјекциите. „Depo Provera“ е хормонална инјекција, слична на прогестеронот. Треба да се става на секои 12 недели и може безбедно да се користи две до три години.

Според докторите, од овие опции, најдобар начин за потиснување на менструацијата кај жените се таблетите или спиралата. Кога се работи за инјекциите, еден од несаканите ефекти е губиток на коскена маса. Во услови на микрогравитација, астронаутите се соочуваат со губиток на коскена маса, па затоа овие инјекции не би биле од корист за жените астронаути како начин за потиснување на менструацијата.

Меѓутоа, постојат извештаи за намалување на коскената маса дури и кој жените кои користат контрацептивни таблети, така што спиралите и поткожните импланти можеби се најдобрата опција за жените астронаути. Тие би можеле да се вградат пред почетокот на мисијата, без да има потреба да се заменат сѐ до завршувањето на мисијата.

Веројатно ќе бидат потребни уште истражувања за подобро да се разберат ефектите од хормоните и губитокот на коскена маса во услови на микрогравитација, пред да почнеме да ја населуваме следната планета.

Поддржете ја нашата работа: