Иако повеќето дури при првиот такт ја препознаваат “За Елиза”, композицијата за соло клавир на Лудвиг ван Бетовен, ретко кој може да каже која е жената на која ѝ се посветени овие ноти.
Композицијата “За Елиза” е објавена во 1865 година – 38 години после смртта на Лудвиг ван Бетовен. Делото го пронашол музикологот и писател Лудвиг Нол, кој тврдел дека оригиналниот ракопис е потпишан со раката на Бетовен, па така тој ракопис бил датиран на 27 април 1810 година.
Иако денес знаеме многу повеќе за животот на Бетовен, и натаму никој со сигурност не може да каже која била Елиза, жената на која композиторот и го посветил едното од многуте познати дела.
Бројни истражувачи на ликот и делото на еден од најголемите гении во историјата на музиката дошле до неколку имиња од љубовниот живот на Бетовен кои би можеле да разјаснат која всушност била Елиза.
Музикологот Макс Унгер, кој се бавел со истражување на животот и делото на Бетовен, бил уверен дека Лудвиг Нол згрешил при препишување на ракописот и дека оригиналниот наслов првично гласи “За Тереза”.
Тој верувал дека делото е инспирирано од Тереза Малфати, пријателка и ученичка на Бетовен, кој истиот ја запросил во таа 1810 година. Меѓутоа таа ја одбила неговата брачна понуда и неколку години подоцна станала сопруга на австрискиот благородник Вилхелм фон Дросдик. Како и да е, композицијата е пронајдена помеѓу неговите приватни предмети.
Меѓутоа, интересен е фактот дека всушност постои и дело кое понекогаш се нарекува “За Тереза”. Станува збор за сонатата бр. 24, која познатиот уметник и ја посветил на грофицата Тереза фон Брунсвик, уште една од своите ученички.
Некои биографи на Бетовен подоцна шпекулирале дека всушност грофицата е онаа од која е инспирирана “Ода на радоста” и онаа на која композиторот и се обраќа преку љубовно писмо.
“Ах, има моменти кога мислам дека јазикот не значи баш ништо. Разведри се, остани моја единствена верна драга, мое се”, пишува Бетовен меѓу другото.
Меѓутоа, ова не е никогаш потврдено, бидејќи Бетовен имал и други пријателки и љубови.
Германскиот музиколог и композитор Клаус Мартин Копиц, од друга страна не верува дека Тереза по грешка е заменета со Елиза, туку е сигурен дека станува збор за кратенка од името Елизабет.
“Веќе со години работам на изданијата “Бетовен во очите на неговите современици”. Собирам дневници, писма, приказни, сеќавања од сите лица кои го познавале Бетовен. Во тоа истражување беше невозможно да се избегнат некои женски имиња. Едно од нив е и Елизабет Рекел”, истакнува Копиц.
Елизабет е родена во 1793 година и била најмладата сестра на Јозеф Рикел, оперски пејач, музички соработник и близок соработник на прочуениот композитор. Неговата убава сестра, која интимно ја викаа Елиза, му била многу драга на Бетовен. Веселата девојка била музички образована пејачка. Копиц смета дека Бетовен и‘ ја подарил „За Елиза“ на младата пејачка за разделба, кога таа во 1810 година заминувала во Бамберг, каде добила нов ангажман.
Инаку, овие двајца уметници биле во многу блиски односи, така што Бетовен мелодијата не и‘ ја посвети на „госпоѓица Рекел“ туку на Елиза.
Но, иако не се гледале толку често, Бетовен и Елиза, судејќи според записите од нејзините дневници и писма, никогаш во целост не загубиле контакт.
„Занимливо е тоа што и самата Елиза говорела за дружењето со Бетовен. Таа не сметала дека би можело да и‘ наштети да зборува за тоа како и‘ било со Бетовен дури и со својот подоцнежен сопруг, Јохан Непомук Хумел. А според она што го говорела , нивниот однос бил навистина близок“, вели Копиц.
Според него, дури ни фактот дека Елиза се омажила за Хумел не го расипало пријателството со Бетовен, кое траело до крајот не неговиот живот. Елизабет Рикел го посетила Бетовен на неговата смртна постела во март 1827 гидина и пресекла еден прамен од неговата коса, а тој и го подарил последното перо.
Но, како е можно досега воопшто да не се знаело за идентитетот на Елиза? Копиц тврди дека причината лежи во збрката што делумно ја предизвикале самите научници кои се занимавале со реконструкција на животот и делото на Бетовен. Така еден од нив, Макс Унгер, мелодијата чии ноти ги пронашол наместо „За Елиза“, ја преименувал во „За Тереза“.
„Тереза Малфати беше свршеничка на Бетовен, па на Унгер очигледно му било поедноставно оваа мелодија да ја нарече по неа, со оглед дека никогаш немал слушнато за Елиза“ .