Исхраната богата со масти, а со мало количество на јагленихидрати, како што се кетогената и модифицираната Аткинсова диета, може да го намали бројот на напади кај возрасните со тежок облик на епилепсија, според истражувањето објавено во „Neurology®“.
Епилепсијата е нарушување на нервниот систем во кој нервните клетки во мозокот работат абнормално, предизвикувајќи напади. Според Светската здравствена организација, околу 50 милиони луѓе во светот имаат епилепсија.
„Потребни се овиe третмани за 35% од луѓето со епилепсија чии напади не се запираат со лекови”, вели авторот на студијата Павел Клајн. „Кетогената диета често се користи кај деца, но многу малку истражувања се направени за ефектите кај возрасните“.
Кетогената и модифицираната Аткинксова диета вклучуваат елементи како што се сланина, јајца, крем, путер, зелен зеленчук и риба. Кај кетогената диета односот на масти спрема јагленихидрати е 4:1. Кај модифицираната Аткинсова диета односот е 1:1.
Научниците разгледувале пет истражувања со вкупно 47 лица на кетогена диета и пет истражувања со вкупно 85 лица на Аткинсова диета. Сумирано, резултатите покажале дека кај 32% од испитаниците третирани со кетогена диета и кај 29% од оние третирани со Аткинсова диета, нападите се намалени за 50%. Кај 9% од оние со кетогена,односно 5% од оние со Аткинсова диета, забележано е намалување на нападите за 90%.
Позитивните резултати од двете диети биле видливи брзо, во период од неколку дена до неколку недели. Ефектот опстојувал долго време, но за разлика од децата, не и откако испитаниците ја прекинале диетата. Несаканите ефекти на двете диети биле слични и несериозни, најчесто губење на тежината. Меѓутоа, 51% од групата со кетогена диета и 42% од групата со Аткинсова, ја прекинале диетата пред да се заврши истражувањето.
За жал, долгорочната употреба на овие диети е тешка, бидејќи има одредени ограничувања и компликации. Поголемиот дел од луѓето ги прекинуваат поради кулинарски и социјални потешкотии. Сепак, овие диети остануваат како опција за лекување на епилепсијата.