На кои начини комуницирале диносаурусите?

Траги од фосилни записи и од сродни животни укажуваат на начините на кои комуницирале овие животни.

“Многу се потпираме на знаењето за современите животни кога носиме заклучоци за изумрените животни”, вели Томас Вилијамсон, кустос палеонтолог во Природонаучниот музеј во Ново Мексико.

Комуницирањето најверојатно се состоело од свирење, крици, звуци на потпукнување, танци и песни. Во предвид доаѓаат дури и симболични љубовни повици правени со помош на нападни перја.

Диносаурусите најверојатно правеле и звуци со затворена уста, слично како свирежите и звуците кои ги произведуваат некои птици денес. Студијата е објавена во списанието Evolution.

“Вокализирањето со затворена уста се звуци кои се емитираат низ кожата во пределот на вратот додека е клунот затворен”, вели главниот научник Тобиас Рајде од Универзитетот Мидвестерн во Аризона.

“Тогаш птиците го туркаат воздухот кој произведува звук во езофагеалната вреќичка, наместо да го издишат низ отворен клун. Гугањето на гулабите е добар пример за овој звук”, додава тој.

Научниците откриле дека овие звуци еволуирале најмалку 16 пати кај архосаурусите, група праисториски животни во која спаѓаат птици, диносауруси и крокодили.

Интересно е тоа што само животните со голема телесна тежина произведувале вокализација низ затворена уста.

Роговите, наборите и гребените кои ги краселе главите на диносаурусите можеле да се користат за ритуалот на парење или за заплашување на соперниците. На пример, фосилните остатоци покажуваат дека трицератопсот развил поголеми набори и рогови во текот на созревањето. Тоа укажува дека овие украси му помагале на овој вид да комуницира, а можеби и да привлече внимание на партнерот.

Овие рогови и набори исто така пренесувале порака за возраста на другите диносауруси, се вели во студијата објавена во списанието “Paleontologia Electronica”.

Хадрасаурусите заради сложените гребени произведувале природно резонантни, нискофреквентни звуци. Долгите опашки на сауроподските диносауруси произведувале бучава, и имале долги дишни патишта па произведувале никофреквентни звуци. Анкилосаурусите пак, имале издолжени и сложени дишни трактови кои можеле да се користат за создавање или менување на звуците.

Врз основа на анализата на ушите на диносаурусите, заклучено е дека тие одлично ги детектирале нискофреквентните звуци, објаснува Вилијамсон. Овие нискофреквентни звуци можеле да продрат низ густата вегетација на голема далечина, а на одредени диносауруси им овозможиле да се слушнат преку огромни области.

“Мезозоикот бил сигурно неверојатна доба, а комуникацијата на диносаурусите ја направила уште побучна и поживописна”, заклучува Вилијамсон.

 

Поддржете ја нашата работа: