Кога луѓето би избирале кодекс на облекување и се разбира доколку работното место го дозволува тоа, тие би одбрале фармерки и маичка, наместо костум или фустан со високи потпетици. Но, едно ново истражување покажува изненадувачка предност на дотерувањето за на работа.
Носењето на поформална облека го менува начинот на кој луѓето размислуваат, при што им помага да се фокусираат на „големата слика“, вели истражувањето од страна на научниците од Универзитетот во Колумбија и Државниот универзитет во Калифорнија, објавено во „Social Psychological & Personality Science“.
„Носењето на формална облека води кон долгорочно размислување за работите, води кон „големата слика“, наместо конкретно размислување што се фокусира на деталите“, изјави Мајкл Слепиан, коавтор на истражувањето, за „Huffington Post“.
За време на истражувањето, била тестирана група млади волонтери за да се утврди нивниот стил на когнитивна обработка во тој момент. За време на некои од тестовите, тие ја рангирале формалноста на она што одбрале да го облечат, а за време на останатите тестови им било наложено да облечат облека што би ја носеле на час, или на интервју за работа. Низ серија експерименти, оние што носеле поформална облека покажале пошироко сеопфатно размислување.
Зошто промената на облеката води до промена во начинот на размислување?
„Формалната облека прави луѓето да се чувствуваат помоќно, што пак резултира со поголема веројатност за апстрактно размислување. Костумот е симбол на моќ“, објаснува Слепиан.
Тој исто така истакна дека формалната облека може да го подобри вашето расположение ако се чувствувате добро во облеката што ја носите и сметате дека добро ви прилега. Дури и ако носите костум на работа пет дена во неделата, ова истражување сугерира дека ќе ги искористите неговите бенефиции.