НАСА откри 72 досега непознати објекти во близина на Земјата

За да се заштитиме од астероидите и кометите кои лесно би можеле да удрат во Земјата, истражувачите прво треба да ги детектираат за да знаат каде точно во нашиот сончев систем тие се наоѓаат. Токму тоа го прави НАСА, со помош на вселенското летало „NEOWISE“ и сега, после две години проучување, конечно можеме да видиме што открила.

Според НАСА, откриени се 439 објекти во близина на Земјата – термин кој се користи за сите астероиди и комети кои доаѓаат (релативно) блиску до Земјата. Од тие 439 објекти, 72 се досега непознати за науката.

Првично, леталото беше наречено „WISE“ и беше лансирано во 2009 година за да го следи небото со инфрацрвени камери. По завршувањето на мисијата во 2011 година беше деактивирано, но потоа во декември 2013 година беше повторно активирано и преименувано во „NEOWISE“ за да им помогне на научниците во следењето на објектите во близина на Земјата.

Во текот на минатата година, леталото направи повеќе од 5,1 милион инфрацрвени слики и измери повеќе од 19 илјади астероиди. По внимателни анализи, НАСА издвои 439 објекти во близина на Земјата, од кои само 8 се класифицирани како потенцијално опасни.

„NEOWISE“ е само еден дел од цела мрежа на телескопи на Земјата и ќе ја продолжи својата потрага по нови и возбудливи објекти. Да се надеваме дека нема да има опасни објекти за Земјата бидејќи, како што ни покажува видеото, сончевиот систем е преполно место, па не е на одмет да бидеме подготвени.

Повеќе информации на:

http://www.nasa.gov/neowise

http://www.jpl.nasa.gov/asteroidwatch

Поддржете ја нашата работа: