Научниците открија начин како да ја намалиме желбата за брза храна

Научниците од Велика Британија развиле додаток во исхраната кој наводно може да ја намали желбата за високо калорична храна, како на пример пица и крофни, додека здравиот аптетит останува непроменет.

Научниците од Кралскиот колеџ во Лондон го создале овој додаток, наречен инулин-пропионат естер, врз основа на молекула која ја произведуваат стомачните бактерии и која му кажува на мозокот кога сме изеле доволно храна. Тие го тестирале новиот додаток на 20 доброволци и покажале дека не само што ја намалува желбата за брза храна, туку влијае и на количината на храната – прави лицата да јадат помали порции.

Научниците претходно покажале дека јадењето на еден тип на влакна, наречени инулини, го зголемуваат производството на молекулата пропионат во цревата, која ја создаваат стомачните бактерии кога сме најадени и која му сигнализира на мозокот кога да престанеме да јадеме. Сега, тие покажале дека преку модифицирањето на инулинот за да содржи пропионат (односно создавањето на соединението инулин – пропионат естер), може да се поттикнат стомачните бактерии да создаваат 2,5 пати повеќе пропионат.

Научниците сугерираат дека стомачните бактерии кај некои луѓе може природно да создаваат повеќе пропионат од другите, што може да објасни зошто некои луѓе лесно можат да останат слаби, додека некои лесно може да се здебелат.

Сепак, ова е многу мало истражување, така што се’ уште не треба премногу да се возбудуваме. Научниците треба да ги реплицираат резултатите и понатаму да ја испитаат поврзаноста помеѓу желбата за храна и овој додаток во исхраната, но тие веќе расмислуваат на кој начин овој додаток би можел да му користи на општеството.

Истражувањето е објавено во „The American Journal of Clinical Nutrition“.

Поддржете ја нашата работа: