Истражувачите од Универзитетот во Калифорнија откриле дека една риба што живее на источниот брег на САД еволуирала и развила 8.000 пати поголема отпорност на токсичниот отпад во однос на другите риби.
Се работи за мала шарена риба „калливка“ (killifish), за која е познато дека живее во многу загадени речни устија, како што е заливот Њуарк во Њу Џерси и реката Елизабет во Вирџинија.
„Калливката“ е омилена и како аквариумска рипка поради малите димензии и прекрасните бои. Омилена е и помеѓу екологистите, бидејќи служи како индикатор за загадување на средината.
„Калливката“ може да се најде на места со екстремна толеранција на некои многу јаки хемиски загадувачи“ – вели Ендрју Вајтхед, истражувач од Универзитетот во Калифорнија, за „National Geographic“.
Нивото на мешавина од диоксини, полихлориран бифенил и тешки метали насекаде на овие места било и до 8.000 пати повисоко од она што е обично смртоносно за рибите. И покрај тоа овие риби успешно напредуваат во ваква токсична средина.
Вајтхед и неговиот тим собрале околку 400 од овие риби од голем број на исклучително загадени места по должината на источниот брег на САД и направиле секвентирање на нивниот геном. Наодите покажале слични мутации со еден пример на конвергентна еволуција од научната литература, каде што мутациите се појавуваат независно во исти гени, во рамките на една популација.
Овие мутации ги исклучуваат молекуларните патишта кои предизвикуваат оштетувања на клетките коишто се погодени од токсините. Покрај тоа, се чини дека тие биле уникатни за овие риби кои живееле во загадените води, со оглед на тоа дека тие немаат никаква предност во почистите средини.
Можноста морските животни да се адаптираат на нашиот смртоносен отпад може да претставува знак на надеж, но не е сѐ така добро.
„За жал повеќето видови кои се обидуваме да ги зачуваме, веројатно не се во состојба да се адаптираат на овие брзи промени, бидејќи немаат такво ниво на генетски варијации кои им овозможуваат брзо да еволуираат“- објаснува Вајтхед.
Предноста на овие риби се наоѓа во разновидноста на нивните гени што им овозможува да ги преживеат случајните мутации доволно долго, додека не се добие вистинската комбинација.
Кај високо специфичните видови, лошите мутации имаат тенденција повеќе да влијаат на нивниот опстанок.
Сепак, ваквите мутации одат и со одредени губитоци. Со адаптацијата на токсичната средина, кај секоја популација се намалува разновидноста и тие самите стануваат поспецифични. Понатамошните промени кон овие инаку смртоносни средини, може да доведе до пропаст на овие жилави риби.
Иако е јасно дека ова е добро за калливките, тоа не е случај со нивните предатори. Овие мали риби се храна за големите риби и птиците, па не мора многу да се зборува какви ефекти ќе има концентрацијата на тешките метали и другите загадувачи во ланецот на исхраната, вклучувајќи го и човекот.
Истражувањето е објавено во „Science“.