Научниците успеаа да го продолжат животот на глувците до 35%

Едно ново истражување покажува дека животниот век на глувците може да се продолжи дури до 35% преку едноставно чистење на старите нефункционални клетки кои престанале да се делат, се акумулирале во длабока старост и предизвикуваат воспаление на масните, мускулните и бубрежните ткива.

Покрај тоа што отстранувањето на овие клетки може да го продолжи животниот век на глувците, тоа исто така може да ги одложи болестите поврзани со староста, како што се заболувањата на срцето и бубрезите, како и развојот на катаракта и тумори.

Ваквите стари нефункционални клетки се наоѓаат насекаде во нашето тело – во нашата кожа, мускули, органи, и од некоја причина тие се соочиле со невообичаен износ на стрес кој ја прекинал нивната делба, најверојатно за да се намали ризикот тие да преминат во канцерски клетки. Тоа е всушност биолошки механизам кој функционира како „кочница за итни случаи“, која се користи кога некои оштетени клетки треба да престанат да се делат.

Кога сме млади, нашиот имунолошки систем редовно ги чисти овие клетки, но како што старееме оваа функција станува помалку ефективна, па тие се натрупуваат и влијаат на нашето здравје.

За да откријат што би се случило доколку овој механизам на чистење соодветно би функционирал и во староста, научниците генетски модифицирале глувци за да произведуваат протеин наречен „caspase“ кој ќе ги уништува овие клетки, како одговор на друг протеин наречен „p16“ кој го произведуваат само овие стари клетки. Иако ефектите не можеле да се забележат веднаш, се’ се сменило кога глувците остареле. Научниците откриле дека им го продолжиле животот од 17% до 35%(просечно 25%), а покрај тоа глувците биле и поздрави во споредба со оние кои не добиле никаков третман.

„Покрај тоа што им го продолжуваме животот на глувците, тие всушност се и поздрави на подолг временски период, што е од особено значење доколку истото се обидеме да го правиме и кај луѓето“, велат истражувачите.

Иако некои од клетките успеале да преживеат, овој третман е ветувачки и научниците сега ќе продолжат со истражувања за да откријат како да го направат истото и кај луѓето.

Истражувањето е објавено во „Nature“.

Поддржете ја нашата работа: