Според нови археолошки докази, се чини дека Неандерталците биле доволно софистицирани за да изградат сложени подземни структури пред околу 175.000 години.
Во внатрешноста на темна подземна пештера на околу 50 км. од градот Тулуз во Франција истражувачите открија остатоци од шест антички структури изработени од сталагмити. Ова откритие не тера да ги преиспитаме нашите претпоставки за овие архаични луѓе, бидејќи тоа што го изградиле е далеку поголемо од она за што мислевме дека се способни.
„Неандерталците биле инвентивни, креативни, суптилни и сложени“, велат истражувачите.
Структурите во форма на прстени биле откриени на длабочина од 300 метри во пештера во населбата Бриникел во југозападниот дел на Франција. Извртените коридори на оваа пештера се многу темни, па Неандерталците би морале да градат под светлина од оган.
Истражувачите откриле околу 400 сталагмитни столбови кои заедно тежат околу 2.000 килограми и се протегаат на 112,4 метри. Сето ова укажува на тоа дека Ненадерталците сфатиле како да работат како тим и да изградат сложени структури во тешки услови.
Можеби она што најмногу ги изненадува истражувачите е нивната способност да истражуваат длабоко во пештерите, далеку од природната сончева светлина. Истражувачите веруваат дека ова се докази за способноста на Неандерталците да навлезат во непријателска подземна средина, користејќи оган за осветлување на патот и да изградат структури кои ги надминуваат основните граници на преживување.
Структурите датираат некаде пред 174.400 и 178.600 години и истражувачите велат дека се доказ за тоа дека Неандерталците граделе згради десетици илјади години пред првиот Хомосапиенс да пристигне во Европа.
Се’ уште не е јасно зошто Неандерталците го граделе ова. Ако им било потребно засолниште и заштита од природата и предаторите, веќе ја имале пештерата, па зошто тогаш би се мачеле за да изградат структури внатре во веќе постоечка структура?
Некои истражувачи претпоставуваат дека овие структури имале некаква религиозна или церемонијална примена за Неандерталците, а други пак не се убедени дека воопшто се направени од човекот, туку од некои животни, како на пример шимпанзата.
Се додека не се откријат дополнителни докази не може со сигурност да се знае за што се работи, но во секој случај вакви структури не сме виделе претходно на Земјата.
Истражувањето е објавено во „Nature“.