Недостатокот на сон, покрај тоа што и досега се поврзуваше со зголемен ризик од развоја на хронични болести, би можел да придонесе и за губиток на коскената маса, покажало едно ново истражување, споведено од Универзитетот Колорадо во Аурора.
Истражувањето, што било презентирано на годишниот состанок на Здружението на ендокринолози на САД, покажало дека здрави мажи имаат намалено ниво на маркерите за создавање на коскено ткиво во крвта, после само три недели пореметено спиење, какво што се забележува при сменското работење или промената на временските зони. Во исто време нивото на маркерите за ресорпција на коскено ткиво останало исто.
Изменетата коскена рамнотежа отвора простор за потенцијален губиток на коскената маса, што може да доведе до остеопороза и фрактури на коските, истакнала Кристин Свансон, водач на истражувањето. Доколку хроничното пореметување на спиењето се идентификува како нов ризик фактор за остеопорза, тоа би можело да објасни зошто нема јасна причина за остеопороза кај околу 50 проценти од 54-те милиони Американци кои имаат намалена коскена маса или остеопороза, вели Свансон.
Во истражувањето учествувале 10 мажи, од кои шест на возрст од 20 до 27 години, а останатите на возраст помеѓу 55 и 65 години. За потребите на истражувањето, учесниците секој ден оделе на спиење четири часа подоцна од претходниот ден и спиењето им било ограничено на 5,6 часа во текот на 24 часа, што е значително помалку од препорачаните седум до девет часа сон. Нивната исхрана во текот на истражувањето (дневниот внес на калории и хранливи материи) останала непроменета. Мерењето на нивото на маркерите било направено после три недели и споредено со тие на почетокот од истражувањето.
Поголем пад во нивото на маркерите за создавање на коскено ткиво бил забележен кај помладите мажи: 27 проценти кај помладите, а 18 проценти кај повозрасните мажи.
„Овие податоци укажуваат дека нарушувањето во спиењето може да биде многу штетно за метаболизмот на коските во помлада возраст, кога растот и развојот на коските е од клучна важност за долгрочното здравје на скелетот“– вели Свансон.
Заради ограничени средства со истражувањето не биле опфатени жени.
Потребни се дополнителни истражувања за да се потврдат овие наоди и да се истражи дали постојат разлики кај жените, додава Свансон.