Нов тоалет за кој не е потребна вода

Околу 2,3 милијарди лица во светот живеат без пристап до безбедни и санирани тоалети. Поради таа причина, научниците од Велика Британија дизајнираа нов евтин тоалет, за кој не е потребна вода. Тоалетот веќе три години е во изработка, која е финансирана од Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс. Првичните тестирања се закажани кон крајот на оваа година во Африка (најверојатно во Гана), и доколку се покажат успешни, оваа технологија ќе може да се користи насекаде, од воени возила па се’ до луксузни јахти.

„Nano Membrane Toilet“ е еколошки тоалет кој е наменет за употреба кај едно домаќинство (од околу 10 лица) и наместо вода користи уникатен ротирачки механизам кој ги пренесува изметот и урината додека истовремено ја блокира миризбата. Со помош на нано-мембрана се одделува водата (главно од урината) од останатиот измет, по првична седиментација. Уникатната наноструктура на мембраната го олеснува транспортот на водата во форма на пареа, наместо во течна состојба, што овозможува одбивање на патогените и другите испарливи соединенија. Потоа, нано-обложени перли овозможуваат обновување на водената пареа при што се формираат чисти капки вода кои се собираат во одреден сад, при што се овозможува повторно користење на водата за одредени потреби на домаќинството или за наводнување.

Потоа, со помош на систем на Архимедов навој остатокот се пренесува до друга комора каде што се претвора во пепел и енергија. Деталите од вториот дел од процесот се’ уште се финализираат, но дизајнерите велат дека притоа ќе се произведува доволно енергија за да се напојува целиот процес со мембраната, а можеби и ќе остане доволно за да се полнат мали уреди, како мобилните телефони.

Поддржете ја нашата работа: