Нова студија открива дека и газираните пијалаци може да влијаат на плодноста

Двојките што планираат семејство треба да ги избегмнуваат газираните пијалаци бидејќи тие може да влијаат на плодноста на двата партнери.

Наодите од истражувањето, објавено во списанието „Епидемиологија“, откриваат дека пиењето еден или повеќе газирани пијалоци секој ден е поврзано со намалена плодност кај мажите и жените, а со тоа и намалени шанси за формирање на семејство.

Докажано е дека во САД неплодноста се јавува кај околу 15 отсто од паровите, а годишните трошоци за третирање на плодноста изнесуваат повеќе од 5 милијарди долари.

Оттаму, доколку би можеле да се идентификуваат модифицирачките фактори на ризик, тогаш подигнувањето на свеста за нив може да помогне во намалувањето на психолошкиот стрес и финансиското оптоварување што го имаат двојките кои се обидуваат да забременат.

Модифицирачки ризичен фактор за неплодност може да биде начинот на живот, како што е, на пример, начинот на исхрана.

Имено, минатиот половина век е забележан значителен пораст на количината на додадени шеќери во просечната исхрана на еден поединец од САД.

Една третина од вкупниот внес на шеќер доаѓа од газирани сокови и други засладени пијалоци, кои се поврзани со зголемување на телесната тежина и состојби како дијабетес тип 2. Пиењето газирани сокови, исто така, било поврзано со рана менструација и слаб квалитет на спермата.

Со цел да ја истражат потенцијалната поврзаност помеѓу газираните пијалаци и неплодноста, истражувачите од „Boston University School of Public Health“ во Масачусетс испитале 3.828 жени на возраст помеѓу 21 и 45 години и 1.045 од нивните машки партнери од САД и Канада.

Тимот собирал податоци за здравствената историја на испитаниците, нивниот животен стил и начин на исхрана. Жените што учествувале во истражувањето, исто така, пополнувале прашалници на секои 2 месеци сè додека не забремениле или 12-месечниот период на следење не завршил.

Оценувајќи ги нивните податоци, истражувачите откриле дека пиењето газирани пијалаци е поврзано со намалувањето на просечната веројатност за зачнување и за мажите и за жените на месечно ниво за 20 отсто. Жените кои пиеле најмалку еден газиран пијалак дневно покажале 25 отсто пониска веројатност за зачнување, додека мажите кои пиеле барем еден газиран пијалак дневно имале 33 отсто помала веројатност за успешно зачнување со нивниот партнер.

„Најдовме поврзаност помеѓу внесувањето на газирани пијалаци и помалата плодност, која беше конзистентна по контролата на многу други фактори, вклучувајќи ги и дебелината, внесот на кофеин, алкохолот пушењето и целокупниот начин на исхрана“, вели авторката на студијата д-р Елизабет Хач, професор по епидемиологија.

 Пиењето енергетски пијалаци, пак, беше поврзано со уште поголеми шанси за намалување на плодноста, но авторите на студијата сугерираат дека овој резултат треба да се толкува со претпазливост, бидејќи поврзаноста помеѓу двете била заснована на резултати од само мал број учесници.

Тимот истражувачи не нашол силна поврзаност помеѓу неплодноста и пиењето овошни сокови или диетални газирани пијалаци, но кога стануваат збор газираните пијалаци тие објаснуваат дека со оглед на бројот на засладени пијалаци што се консумираат на територијата на САД, нивните наоди може да имаат важни импликации на јавното здравје.

Извор: Pharma News

Поддржете ја нашата работа: