Издвојуваме неколку статистики кои иако се однесуваат на САД, се доволни да размислиме за проблемот во нашава средина.
- Во САД, постојат околу 750.000 тинејџерски бремености на годишно ниво, што е околу 2000 на ден! Ова значи дека околу 30% од тинејџерките забременуваат барем еднаш.
- Во овие 30% висока застапеност имаат малцинствата. Се проценува дека околу половина од Латино и Афроамериканките ќе забременат најмалку еднаш пред да наполнат 20.
- Тинејџерките имаат огромни потешкотии во одгледувањето на детето. Само во првата година, трошоците изнесуваат околу 10.000 долари.
- Околу 80% од тинејџерите татковци не се женат со мајката. Тие, исто така, придонесуваат многу малку во одгледувањето на бебето. Во просек, плаќаат издршка од 800$ годишно.
- 80% значат проблем. Се проценува дека децата кои живеат одделно од нивните татковци се со 5 пати поголема веројатност да бидат сиромашни отколку ако живеат со двајцата родители.
- Тинејџерска бременост во голема мера влијае на образованието. Само 51% од тин- мајките имаат средно образование.
- Родителството е водечка причина за напуштање на училиштето.
- Тин- мајките имаат многу мала веројатност да одат на факултет. Само околу 2% од младите мајки успеваат да добијат факултетска диплома.
- Годините на мајката влијаат и на детето: Ќерките на тин- мајките се со 3 пати поголеми шанси и тие самите рано да забременат.
- За синовите, шансите се 2 пати поголеми еден ден да станат тин-татковци.
Да се вратиме на Македонија. Податоците покажуваат дека не раѓаат деца само девојчиња од 15 до 19 години, туку дека буквално деца раѓаат деца на своја 13 или 14 годишна возраст. Така, ако во 2011 година мајки станале 23 девојчиња под 15 години, во 2012 година деца родиле 26 девојчиња помали од 15 години.
Што се однесува до прекинатите бремености, во 2008 година биле регистрирани 146 абортуси на возраст помала од 20 години, во 2013 година, според податоците на Институтот за јавно здравје, бројот се зголемил речиси за 100 – имало 237 прекини на бременост кај оваа популација. Во скопскиот Центар за јавно здравје велат дека младите многу знаат, но малку практикуваат! Само во главниот град вкупно 53 девојчиња на возраст од 15 до 19 години минатата година се решиле да абортираат. Дополнително, има случаеви на нелегално вршење на абортусите, кои не се регистрирани.
Тука се наметнуваат темите сексуално образование, планирање на семејство, (не)оправданоста на кампањите за абортус итн. Да не дозволуваме деца да ни го подигаат наталитетот. Тинејџерските бремености без оглед дали девојките ќе родат или абортираат, со себе носат лични, здравствени и општествени последици.