Нова вакцина против кучешки грип

Се наоѓаме во сезона на грип, но грипот не е опасен само за луѓето. Од грип може да заболат и нашите миленичиња – кучињата.

Научниците од Универзитетот Рочестер за прв пат развиле две нови вакцини против кучешки грип. Со ова не само што ќе се подобри здравјето на нашите крзнени пријатели, туку е важно и за наша заштита. Кучињата кои ќе се инфицираат со повеќе вируси на грип може да делуваат како „садови за мешање“ и да генерираат нови видови на грип од кои може да се инфицираат и луѓето. Ова не се случило досега, но експертите велат дека е возможно.

Ветеринарите денеска користат вакцини кои содржат неактивни или мртви вируси на грип, но според експертите тие овозможуваат краткотраjна и ограничена заштита. Научниците предводени од  др. Луис Мартинез – Собридо, професор по микробиологија и имунологија, создале две „живи-атенуирани“ вакцини против кучешкиот вирус на грип „H3N8“. Претходните истражувања покажале дека живите атенуирани вакцини, се направени од ослабени вируси така што не можат да предизвикаат грип, овозможуваат подобар имунолошки одговор и подолготрајна заштита.

Научниците, со помош на техника за генетски инжињеринг, направиле жива вакцина која се реплицира во носот, но не и во белите дробови на кучето. Носот на кучето е првото место каде што навлегува вирусот, па доколку тука се создаде имунолошки одговор, тоа ќе го спречи понатамошното ширење на вирусот. Ако вакцината стигне до белите дробови  може да предизвика несакано воспаление, како одговор на живиот вирус.

Истражувањето, објавено во „Journal of Virology“, покажало дека вакцината е безбедна и дека може да обезбеди  подобра заштита против кучешкиот вирус H3N8 на трахеалните клетки кај глувци и кучиња , во споредба со комерцијално достапната инaктивирана вакцина.

Во второто истражување, научниците ја користеле истата техника за отстранување на протеинот наречен „NS1“ од вирусот „H3N8“. Претходните истражувања покажале дека со бришење на  протеинот „NS1“, вирусот значително се ослабнува, така што тој може да предизвика имунолошки одговор, но не предизвикува болест. Овој пристап се користи и кај човечки, свински и коњски вируси на грип за создавање на потенцијални вакцини и се покажал исто така безбеден и поефикасен од традиционалните инактивирани вакцини против H3N8 грип кај глувци и кучиња.

Научниците планираат и клинички тестирања на двете вакцини на кучиња. Се надеваат дека со ова ќе се спречи ширењето на грипот помеѓу кучињата , како и преносот врз луѓето.

Поддржете ја нашата работа: