Научници развија нови мапи што овозможуваат сателитските податоци за надморската височина, температурата и врнежите да се користат за попрецизно проучување на живиот свет.
Истражувањето опфатило 47 локации во рамките на американската Национална еколошка опсерваториска мрежа (NEON), од Флорида до арктичките предели на Алјаска. Тимот комбинирал податоци од сателити со мерења собрани на терен за да ја прикаже разновидноста на условите во пејзажот.
Просечната надморска височина или годишната количина врнежи често не ја опишуваат реалната средина. На пример, локација во Сиера Невада може да има просечна височина од 2.150 метри, но во нејзината околина да се наоѓаат и врвови високи над 3.000 метри, како и долини и ливади.
Овие разлики, познати како геодиверзитет, се важни за растенијата и животните. Наклонот, нерамнината на теренот, вегетацијата и изложеноста на сонце влијаат врз температурата и влагата, создавајќи микроклими во кои можат да опстанат само одредени видови.
За да ја опфатат оваа сложеност, истражувачите користеле статистички показатели што ја мерат „грубоста“ или „мазноста“ на теренот, температурата и врнежите, наместо да се потпираат само на просечни вредности. Податоците биле обработени со отворената алатка „geodiv“ на компјутерскиот кластер со високи перформанси на Универзитетот „Мичиген стејт“.
Авторите сметаат дека пристапот ќе им помогне на еколозите попрецизно да предвидат каде одредени видови би можеле да живеат во иднина. Работниот тек е приспособлив и може да се применува и на други места во светот и на различни просторни размери.
Студијата е објавена во списанието Scientific Data.
































