Објавена е најстарата снимка од затемнување на Сонцето, стара 120 години

Пред 119 години, на 28 мај 1900 година, настанала првата снимка од затемнување на Сонцето. Истата е направена од страна на британски магионичар и пионер на филмската уметност, Невил Маскелин во Северна Каролина, САД.

Тоа му бил втор обид, а за првиот обид отпатувал дури до Индија, две години пред тоа. Таму, снимката му била украдена, па така записот од 1900 година останал како најстара достапна видео снимка од затемнувањето.

Повеќе од 100 години стариот филм донеодамна бил заборавен во архивата на астрономското друштво Royal Astronomical Society, а сега е целосно реставрирана во 4К резолуција во соработка со Британскиот филмски институт. Експертите ја реставрирале слика по слика а снимката можете да ја гледате со резолуција од 720р на Јутуб каналот.

Маскелин за снимањето на затемнување на Сонцето се послужил со камера и посебна телескопска леќа. Во тоа време видео записите се граничеле со магија, па не е необично дека овој илузионист се занимавал со снимање.

Во своите настапи користел тогаш модерна видео технологија со цел да ги збогати своите претстави, а астрономијата го фасцинирала дотолку што и самиот тој станал член на Кралското астрономско друштво.

Со снимање на затемнување на Сонцето сакал да покаже дека кинематографската технологија може да се искористи за напредок на науката. Сега, после повеќе од сто години, појавата на овој филм, како најстар астрономски видео запис, изгледа како уште еден Маскелин магионичарски трик – велат од институтот BFI.

Реставрираното видео трае 68 секунди и прикажува целосно затемнување на Сонцето, почнувајќи од само неколку моменти пред Месечината да го прекрие Сонцето, па до неколку моменти по завршувањето на транзицијата.

Поддржете ја нашата работа: