Од каде потекнува ХПВ-вирусот?

Хуман папилома вирусот, или подобро познат како ХПВ-вирусот има стотици различни видови и гнајверојатно речиси секој човек во некој период од животот ќе се инфицира од истиот. Кај повеќето луѓе, инфекцијата нема никакви симптоми, но некои видови може да предизвикаат генитални брадавици или во најлош случај рак.

Едно ново истражување открива дека гениталните брадавици какви што ги знаеме денес првично биле сексуално пренесени на Хомо сапиенсите, откако нашите предци спиеле со Неандерталците и Денисованите пред околу 100.000 години.

Истражувачите од Националниот центар за научни истражувања во Франција и Каталонскиот институт за онкологија во Шпанија биле особено заинтересирани за еден канцероген вид на ХПВ-вирусот, наречен ХПВ16. Познато е дека овој вид на ХПВ го зголемува ризикот за рак на грлото на матката.

Истражувачите целосно го секвенционирале овој вид од пет различни подвидови на вирусот за да видат како еволуирал и потоа употребиле компјутерски алгоритам за да ја анализираат неговата структура, при што добиле временска рамка која покажувала како вирусот се променил со текот на годините.

Според таа временска рамка, истражувачите откриле дека ХПВ16 е околу 500.000 години стар и најверојатно се појавил во рамките на популациите на Неандерталци и Денисовани, а подоцна се проширил на раните луѓе. Потоа вирусот еволуирал и го формирал типот ХПВ16А, што е всушност техничкото име на модерната верзија на вирусот.

Истражувачите сугерираат дека раните луѓе имале свои видови на ХПВ кои се’ уште може да се најдат во суб-сахарска Африка денес, но ХПВ16 посебно се појавил откако нашите предци ја напуштиле Африка пред околу 60.000 – 100.000 години, се прошириле на Евроазија и се пареле со Неандерталците и Денисонованите кои веќе биле таму.

13809176994_41e211b859_o-jpg__800x600_q85_crop

Ова вкрстување всушност довело до пренос на вирусот од архаичните популации на современиот човечки предок.

Оваа хипотеза е поддржана од фактот што во најголемиот дел од денешна суб-сахарска Африка го нема типот ХПВ16, додека истот е прилично застапен во други делови на светот.

„Онкогените вируси (оние кои предизвикуваат тумори) се многи стари. Историјата на човекот е исто така и историја на вирусите кои ги носиме и ги наследуваме. Овие наоди сугерираат дека некои агресивни онкогени вируси биле пренесени преку сексуален контакт од архаичните на современите луѓе“, објаснуваат научниците.

Ова сценарио се’ уште не е докажано, но со понатамошни истражувања научниците се надеваат дека ќе успеат да ги откријат тајните на вирусите со кои човештвото се бори веќе илјадници години, и да пронајдат нови начини за да ги победат.

Наодите се објавени во „Molecular Biology and Evolution“.

Поддржете ја нашата работа: