Проблемот со сегашните компјутери е тоа што сме близу до границата на тоа колку напредни можат да бидат. Добрата вест е што сега го имаме основниот градежен материјал за квантен компјутер, само треба да го направиме.
Според истражувачката лабораторија на „Microsoft“ ќе го дознаеме кодот на квантните компјутери во текот на следниве 10 години, па редно време е да разбереме што тоа значи, нели?!
„The Verge“ направи видео кое ги објаснува основите на квантните компјутери за да може да видите каде сме биле и кон што се стремиме.
Сегашните компјутери ги зачувуваат информациите како бинарни битови (0 или 1). Системот функционира добро, но има одредена количина на податоци што може да се процесираат. Квантните компјутери ќе работат на квантни битови, или „кјубитови“, како што се наречени. Тоа се мали честички кои се магнетски суспендирани во екстремно ладна средина – неколку делови од степенот над апсолутната нула. Доколку овие честички се одржуваат во состојба на суперпозиција, тие истовремено би можеле да ја преземат улогата и на 0 и на 1 во бинарниот код, што на компјутерите би им овозможило досега невидена процесорска моќ. Се разбира, доколку научниците успеат да ги изградат.
За среќа, „Google“ и „Microsoft“ инвестираат во оваа идеја и некои од најдобрите научници работат на тоа, па може да се каже дека сме многу блиску до остварувањето на целта.