Минатиот август, пензионираната Мериен Винкли открила мистериозно шише со порака, на брегот на островот Амрум, Германија. Уште од тогаш почнаа да се шират гласини дека таа всушност ја пронашла најстарата порака во шише, и на 14 март оваа година Гинисовата книга на рекорди конечно ги потврди тие гласини.
Најстарата порака во шише е всушност една од преку 1000 идентични шишиња кои помогнале да се оформи нашето разбирање за океанските струи.
Шишето е всушност дел од научен експеримент спроведен од британскиот морски биолог Џорџ Паркер Бидер Трети.
На почетокот на 20 век, пред ерата на сателитите, ГПС и водоотпорните електронски уреди, Бидер пуштил 1020 шишиња во близина на источниот брег на Англија за да види во која насока ќе се движат. Внатре во шишето имало инструкции за оној кој ќе го најде шишето да го искрши, како и разгледница на која пишувало пронаоѓачот да опише кај го нашол шишето и да ја прати разгледницата до Морската биолошка асоцијација во Англија.
Повеќе од половина шишиња биле вратени во текот на неколку месеци, најголемиот број од страна на морнари, а Бидер за прв пат успеал да докаже дека струите на Северното Море се движат од исток до запад.
Кога Мериен го пронашла ова шише 108 години подоцна и 498 км. подалеку од Англија, таа го направила токму тоа што го пишувало во пораката – ја пополнила разгледницата и ја пратила до Морската биолошка асоцијација. Иако малку е доцна за да придонесе на научните истражувања на Бидер, таа сега официјално може да каже дека го држи Гинисовиот рекорд за откривање на најстарата порака во шише.
Извор: „Business Insider“