Пластика што произведува енергија

Напредокот од оваа нова форма на пластика ќе го изложат на 249-тиот Национален состанок и изложба на американското хемиско здружение.

„Во последните неколку години работевме со материјалот наречен “PVDF“, односно поливинилиден флуорид. Ако го произведуваме под прецизни услови, тој може да генерира електрична енергија. Или, ако ставиме електрична енергија на површината на материјалот, тој ќе ја смени својата форма“, објаснуваат научниците.

“PVDF“ и други материјали со слични особини веќе се застапени во модерната технологија, како на пример во форма на сензори за притисок во подлогата за допир (најчесто кај лап топите) или во други сензори во електрониката. Но доколку се засилат нивните особини, нивниот потенцијал би бил многу поголем.

Научниците од Универзитетот во Тексас, Далас, во соработка со Политехничкиот институт во Вирџинија се обидуваат да направат „меки“ материјали засновани на полимери кои ќе произведуваат енергија, како дел од Центарот за материјали и системи кои прозиведуваат енергија – програма фокусирана на развојот на технологии за зачувување на енергија и контрола на движењето.

Научниците откриле начин како да вклучат органски наноструктури направени од јаглеродни атоми и јаглеродни наноцевки во влакната на “PVDF“ за да се удвои неговата способност за произведување енергија. За да ги претворат овие структури во вештачки мускули кои ќе се контахираат или релаксираат како одговор на електрична енергија или температура, научниците требало да ги направат помоќни. Тоа го постигнале со едно купче најлонски влакна кои ги врзале цврсто, како старомодна жица од телефон.

„Ефектот е сличен како кога ќе истегнете ластиче. Ако го пуштите кога е истегнато ќе добиете многу повеќе сила“, објаснуваат научниците. Тие сакаат да го постигнат истиот ефект со „PVDF“- јаглеродните влакна кои се далеку подобри пиезоелектрични материјали отколку најлонот.

Потенцијална примена на овие материјали која привлече комерцијален интерес е добивањето на енергија. „Боинг“ кој финансирал дел од овие истражувања, е заинтересиран за искористување на енергијата која би се создала од самите патници како што стануваат и седнуваат на седиштата, за да напојува некои функции во авионот, како на пример светлата во кабините. Тоа би им овозможило на авионите да отстранат некои кабли со што би им се намалила тежината и би заштедиле гориво.

Овие материјали би можеле да се користат и за да се направат синтетички мускули кои би ги направиле протетските екстремитети „поживи“.

„Моментално работиме на пронаоѓање на начини за да го овозможиме ова во поголеми размери за создавање на поголемо количество на енергија“, истакнуваат научниците.

Поддржете ја нашата работа: