Го намалува вашиот крвен притисок
Според едно истражување направено во Норвешка во 2011 година, луѓето што редовно одат во црква имаат понизок крвен притисок од оние што воопшто не одат. Овие резултати се особено импресиви со оглед на тоа дека норвежаните ретко одат во црква и истражувачите сметаат дека културолошките разлики ги спречуваат религиозните норвежани да имаат иста корист која често може да се забележи кај верниците од САД. Фактите покажале дека луѓето кои оделе во црква барем три пати месечно имале за една до три единици понизок крвен притисок од оние што воопшто не оделе. Слични резултати биле добиени и во САД.
Според истражувачите, преку проповедта верниците веројатно учат како да се справат со стресот и стравовите, или можеби молитвата, пеењето и другите ритуали што ги прават со останатите верници допринесуваат за нивна поголема релаксираност.
Ги мотивира луѓето редовно да го контролираат здравјето
Всушност, религијата се поврзува со подоброто здравјето во целина. Тоа е веројатно поради тоа што религиозните луѓе имаат поголема социјална поддршка и подобра претстава за самите себе од луѓето што не припаѓаат на ниедна верска заедница. Едно истражување од 1998 година направено од истражувачите од Универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес, објавено во „Health Education & Behavior“, покажало дека верниците почесто прават превентивни прегледи (во конкретниот случај мамографија). Околу 75 % од 1 517 жени верници што учествувале во истражувањето правеле редовни мамографии, во споредва со 60% од примерокот од 510 жени кои не оделе во црква
Штити од депресија
Според едно истражување од 1998 година, објавено во „American Journal of Psychiatry“, повозрасни пациенти кои биле хоспитализирани поради физички проблеми, но исто така страдале од депресија, се опоравувале подобро од депресијата кога религијата била составен дел од нивните живот. Едно истражување од 2010 година, објавено во „Journal of Clinical Psychology“ покажало дека луѓето кои верувале во – Бог кој се грижи – подобро реагирале на психијатрискиот третман. Интересно било тоа што ваквата реакција не била поврзана со чувството на надеж на пациентот или некој друг фактор што го донесува религијата.
„Поврзано е исклучиво со чувството дека Севишниот се грижи“ – вели водачот на истражувањето Патриција Марфи.
Ја ублажува загриженоста
Според едно истражувањето од 2010 година, ако сте религиозни, размислувањето за Бог ја намалува загриженоста поврзана со правењето на грешки. Со други зборови, верниците можат да се свртат кон својата вера и смирено да се справат со својот неуспех. Овој „трик“ не важи за атеистите. Истражувањето покажало дека атеистите биле под поголем стрес кога размислувале за Бог и за направените грешки.
Ја подига самодовербата (ако живеете на вистинското место)
Во зависност од тоа каде живеете, религијата може да направи да стекнете поголема самодоверба, со тоа што ќе се чувстувате како дел на поголемата културна заедница. Според едно истражување од јануари 2012 година, луѓето кои се религиозни имаат поголема самодоверба и психолошки подобро се приспособуваат, од луѓето кои не се религиозни. Но овој религиски бенефит важи само за луѓето кои живеат во земји каде религијата е широко прифатена и важна. Наодите кои се објавени во списанието „Psychological Science“ покажуваат дека религиозните лица ќе се чувствуваат посреќни во „верска“ држава како Турција на пример, но не и во една секуларна држава како Шведска.
Ве прави среќни
Религиозните луѓе имаат тенденција да бидат посреќни од атеистите. Според истражувањето објавено во 2010 година, во списанието „American Sociological Review“, ова не се поврзува со одредена вероисповед или убедување, туку со радоста да се биде дел од редовните богослужби. Одењето во црква, храм или синагога им овозможува на луѓето да изградат пошироки социјални мрежи, подобри меѓусебни врски – што во крајна линија доведува до поголемо задоволство од животот
Но , може ли да ве направи дебели?
Според едно истражување презентирано на американската Асоцијација за срцеви болести во март 2011 година, адолесцентите кои често посетуваат религиозни активности, имаат 50% поголема веројатност да бидат дебели до своите средни години. Виновник за тоа – според истражувачите – веројатно се неделните гозби и вкусната храна што се поврзува со богослужбите. Но тие предупредуваат дека овие податоци не се однесуваат на севкупното здравје. Религиозните луѓе живеат подолго од нерелигиозните, делумно и заради тоа што пушат помалку.
Ви помага да ѝ одолеете на брзата храна
Ако ги потсетите луѓето на религијата, тоа може да им даде чувство дека имаат помала контрола врз својот живот – но во исто време им дава дополнителна способност да и одолеат на брзата храна. Во едно истражување објавено во јануари 2012 година, во „Journal of Personality and Social Psychology“, истражувачите ги „потсетиле“ студентите на Бог за време на тестовите. Тие што добиле такви „потсетници“ чувствувале дека имаат помала контрола врз својата идна кариера, во споредба со студентите на кои им биле прикажани објекти со пријатна, но не религиозна содржина – но во исто време биле поподготвени да ѝ одолеат на брзата храна. Со други зборови – забележуваат истражувачите – размислувањето за Бог може да биде или товар или благодет за вашата самоконтрола, во зависност од тоа со кој дел од вашиот живот се обидувате да владеете.