Предвидување на развојот на астма со помош на бактерии во стомакот

Зголемените истражувања во текот на последнава деценија доведоа до нови перспективи за тоа како микробиомите – збирот на бактерии и вируси што живеат во нашето тело, влијаат на нашето здравје. Според истражувањата, разликите во микробиомите, што се предизвикани од методот на раѓање, исхраната, средината или изложеноста на антибиотици, може да влијаат на развојот на болести, како астма и алергии.

Како дел од истражувањето, научниците земале примероци од изметот и урината на повеќе од 300 бебиња на возраст од 3 месеци и 1 година, како и информации за нивното здравје на возраст од 1, 3 и 5 години. Потоа, со помош на генетско секвенционирање ги детектирале стомачните бактерии во изметот. Бебињата кои имале ниско или незабележително ниво на 4 бактерии – „Lachnospira“, „Veillonella“, „Faecalibacterium“, и „Rothia“ покажувале рани знаци на астма – отежнато дишење и алергии на кожата. Бебињата кои ги немале овие симптоми, имале високо ниво на овие 4 бактерии во нивниот измет.

Покрај тоа, бебињата имале разлики и во урината. Оние кои покажувале знаци за развој на астма имале одредени бактериски нуспроизводи на пониско или повисоко ниво, што укажува на тоа дека овие бактерии кои се создаваат во стомакот но се пренесуваат низ телото, може да делуваат на имунолошкиот систем и да го прават поподложен на болеста.

Потоа, научниците ги искористиле примероците од оние бебиња кои покажувале знаци на астма за да ги колонизираат цревата на глувци, кај кои потоа се појавило воспаление на белите дробови, што е уште еден показател за астмата. Кога научниците ги додале четирите бактерии во дигестивниот тракт на глувците, тие повеќе немале зголемен ризик за развој на астма. Резултатите се објавени во „Science Translational Medicine.“

Ова откритие е од особена важност за рано детектирање на ризикот од астма, при што се овозможува и евентуално спречување на нејзиниот развој. Научниците ќе продолжат да го следат здравјето на бебињата кои учествувале во истражувањето за да видат кои од нив ќе развијат астма, и ќе го повторат експериментот на поголема група на деца за да видат дали овие бактерии имаат универзално значење.

Поддржете ја нашата работа: