Пронајден Асирски предбрачен договор стар 44 века

Турски археолози пронашле глинена плоча на која е напишан предбрачен договор. Плочата е пронајдена во провинцијата Кајсери и е напишана со клинесто писмо на староасирско наречје.

Она што е посебно интересно кај овој пронајдок е тоа што на него за прв пат се спомнува неплодноста. И во денешно време постојат разни начини и обиди за решавање на овој проблем, многу парови се обидуваат да добијат дете со помош на медицински потпомогнато оплодување, а во некои држави законот им дозволува да најдат жена која ќе им роди дете.

Во античкиот договор исто така постои обид за решавање на проблемот со неплодноста. Во него се наведува дека ако парот не може да добие дете во период од две години, тогаш сопругата ќе му дозволи на сопругот да пронајде робинка која ќе стане сурогат-мајка. По раѓањето на првото момче, робинката мора да се ослободи.

Главниот истражувач, проф. Ахмед Беркиз Турп од Универзитетот Харан во Турција, вели: „Робинката морала да биде ослободена по раѓањето на првото машко дете, зашто на таков начин семејството сметало дека се погрижило тие да не останат без потомци“.

Плочата настанала за време на Асирското царство во 25 век пред Христос. Во него се развила една од најраните цивилизации во човечката историја. Во Месопотамија постоеле големи градови, а луѓето во нив пишувале. Клинестото писмо први го донеле асирските трговци.

На подрачјето Култепе во 1925 година археолозите пронашле 1000 плочи кои биле напишани на клинесто писмо. Плочите се чувале во дрвени ковчези или вреќи. Тие се доказ дека оваа цивилизација имала уреден општествен систем. Населбата веројатно исчезнала поради пожар.

Глинената плоча е изложена во Археолошкиот музеј во Истанбул како најран документ во кој се спомнува неплодноста. Резултатите од истражувањето се објавени во списанието Gynecological Endocrynology.

 

Поддржете ја нашата работа: