Астмата претставува хронична болест на дишните патишта што се карактеризира со повторувачки периоди на отежнато дишење, стегање во градите, краток здив и кашлање. Астмата може да се јави во сите периоди од животот, но најчесто започнува во детството. Само во САД од астма страдаат повеќе од 25 милиони луѓе.
Истражувачите од Државиот Универзитет во Луизијана открија дека психоделичната супстанца „(R) DOI“ (слична на ЛСД) превенира развој на алергиска астма кај глувци. Ефектите се ефикасни и моќни во концентрации од 50 до 100 пати помали од тие што влијаат на однесувањето.
Овие супстанци се познати само по нивното дејство врз мозокот. Сега, истражувачите откриле потполно нов анти-воспалителен механизам за клинички третман на астма, којшто би можел еден ден да се користи во инхалаторите или како дневна таблета.
Во претходни истражувања, истражувачите откриле дека активацијата на рецепторот за серотонин „5-HT2A“ со психоделици, моќно активира анти-воспалителни активности во ткивата на крвните садови и цревата. Надоврзувајќи се на ова, истражувачите откриле лек за кој веруваат дека би бил ефикасен против воспалителната астма.
Внесувањето на „(R) DOI“ ја блокирало белодробната инфламација, хиперпродукцијата на слуз, хиперосетливоста на дишните патишта и „исклучило“ некои белодробни гени кои се одговорни за имуниот одговор, што заедно го блокирало развојот на алергиска астма кај глувците.
Овие наоди – велат истражувачите – покажуваат дека психоделиците имаат потенцијал да го лекуваат и телото, не само умот.
Истражувањето е објавено во „American Journal of Physiology — Lung Cellular and Molecular Physiology“.