Луѓето што патат од астма и имаат повремени мигрени, со време би можеле да очекуваат дека состојбата со мигрените ќе им се влошува и веројатно ќе премине во полоша форма, односно во хронична мигрена. Ова се наодите на едно ново истражување спроведено од Институтот за невронаука од Универзитетот во Синсинати, што е објавено во списанието „Headache“.
Бидејќи е познато дека мигрените и главоболките предизвикуваат воспаленија на мазната мускулатура, крвните садови или дишните патишта, истражувачите ја испитале можната поврзаност помеѓу овие два процеса – дали воспаленијата поврзани со астмата може да доведат до влошување на мигрената?
Во истражувањето биле вклучени околу 4.500 лица кои имале мигренозни епизоди (помалку од 15 главоболки месечно) во 2008 година. Учесниците во истражувањето биле поделени во две групи: првата група ја сочинувале лица кои имале мигренозни епизоди и астма, а во втората група, лица кои имале мигрена, но не и астма. Двете групи пополниле анкетни прашалници во врска со нивната општа здравствена состојба, лековите кои ги користат, депресија и дали се пушачи.
По едногодишно следење, истражувачите утврдиле дека 5,4 проценти од лицата во групата со астма развиле хронична мигрена, во споредба со 2,5 проценти од групата без астма. Хронична мигрена подразбира 15 и повеќе главоболки месечно. Истражувачите истакнуваат дека постоењето на астма претставува посилен ризик фактор за хронична мигрена од депресијата, за која во една студија од 2009 година беше покажано дека е една од најсилните ризик фактори за појава на мигрена.
Според Американската асоцијација за главоболка, луѓето со мигрена имаат наследено нервен систем кој е многу почувствителен на промените во животната средина, што ги прави поранливи од другото население. Со оглед на тоа дека и астмата е состојба на која што влијаат условите во животната средина, со редуцирање на астматичните напади кај едно лице може исто така да се редуцира и ризикот од повторувачки мигрени.