Вклученоста на родителите во образованието на децата е добра стратегија за да се постигнат повисоки резултати, но според едно ново истражување, постои граница која не треба да се преминува.
Истражувачите од Австралија велат дека оние родители кои екстремно се трудат да им помогнат на своите деца со домашните задачи, всушност ја намалуваат способноста на децата самостојно да учат и да се мотивираат за да го завршат училиштето без ничија помош.
„Постои загриженост дека оваа преголема вклученост на родителите во извршувањето на домашните задачи на децата, особено во средно училиште, влијае на способноста на децата да преземат одговорност за својата домашна и да ги разберат последиците од своите постапки“, вели психологот Џудит Лок од Универзитетот за технологија во Квинсленд.
Истражувачите спровеле анкета на интернет, која вклучувала 866 родители од 3 различни градски училишта при што тие требало да ги наведат своите очекувања и намери како родители, како и својот став во однос на домашните задачи на децата.
Одговорите на родителите покажале дека тие чувствуваат голема обврска во однос на домашните задачи и најверојатно како резултат на тоа им помагаат на своите деца малку повеќе отколку што е потребно.
Токму затоа, истражувачите советуваат дека родителиската помош во однос на домашните задачи треба полека да се намалува како што децата растат, бидејќи во спротивно ќе има негативно влијание на нивниот развој.
Се разбира дека родителите им помагаат на децата бидејќи го посакуваат само најдоброто за своите деца, но наместо да им ја пишуваат домашната задача на своите деца, или едноставно да им го кажат точниот одговор, тие треба да покажат интерес на тој начин што ќе ги поттикнат да ја напишат домашната или ќе ги подучат како најдобро да го направат тоа. На овој начин, родителската помош би била конструктувна, а не деструктивна.
Истражувањето е објавено во „Journal of Psychologists and Counsellors in Schools“