Новите слики од роверот на НАСА „Curiosity“ на Марс го откриваат првиот знак за пукнатини од кал на површината на Марс, овозможувајќи им на научниците уште повеќе докази дека на црвената планета некогаш имало вода, што значи потенцијално може да имало живот.
Доколку претчувството на агенцијата е точно, овие карпести формации некогаш биле пукнатини од кал, антички остатоци кога Марс бил повлажен пред милијарда години. Кога земјата се исушила, тие се зачувале под слоевите на карпата во состојба на разделени пукнатини, како временска капсула за „Curiosity“ да ја открие векови подоцна.
„Curiosity“ наишол на формациите во подножјето на планината „Sharp“, во областа наречена „Old Soaker“, откако научниците забележале специфични шари во почвата кои не личеле на ништо што досега го виделе претходно на Марс.
„Дури и од далечина, можевме да забележиме шема од четири и петострани многуаголници кои не личеа на фрактурите кои сме ги виделе претходно. Тие изгледаа како нешто што го гледате покрај некој пат, каде калливата земја пресушила и се распукала.“ – вели истражувачот Натан Штајн.
Истражувачите сметаат дека овој слој на кал се формирал пред повеќе од 3 милијарди години, откако некогаш изобилните древни езера на Марс пресушиле.
Тогаш пукнатините биле покриени со текот на времето од талогот од површината, кој се стврднал во слоевита карпа, па ерозиите од ветерот уште еднаш ги покажале фрактурите кои ги гледаме денеска.
„Доколку тоа се навистина пукнатини од кал, тие се вклопуваат во контекстот на она што го гледаме во делот од планината „Sharp“ каде што „Curiosity“ се качува со месеци. Древните езера варирале во длабочина и обем со текот на времето и понекогаш исчезнувале. Гледаме повеќе докази за сувите интервали на она што главно било запис за долговечни езера“- вели научникот Ашвин Васавада од НАСА.
Роверот „Curiosity“ слета на Марс во август 2012 година, блиску до планината „Sharp“ каде што го проучува теренот на Марс речиси 4,5 години.
Роверот сега премина на друга локација кон областа на ископување на карпи, но постојат стравувања дека инструментите на „Curiosity“ покажуваат знаци на оштетување.
Неговата дупчалка имала технички проблеми минатиот месец, па научниците внимаат на неговиот терен на работа додека да дознаат точно колку е сериозен проблемот.
Да се надеваме дека НАСА ќе може да го реши тоа, бидејќи иако пронајдовме докази за постоењето на вода на Црвената планета во минатото, се´ уште не сме пронашле знаци за микробиолошки живот кој можеби постоел.