Рускиот космонаут Михаил Корниенко, кој на 2 март 2016 година се врати на Земјата по речиси едногодишна мисија на Меѓународната вселенска станица, вели дека веќе му недостига неговиот колега – американскиот астронаут Скот Кели.
„По слетувањето, не успеавме да зборуваме“, изјавил Корниенко во своето прво интервју на Земјата. „Последен пат се видовме во Жесказган, каде што се одржа официјалниот состанок. Се гушнавме и Скот се качи на авион за Хјустон, а ние се упативме накај Ѕвездениот град (космонаутска база)“.
„Можам да кажам дека нашето пријателство уште повеќе се зацврсти. Скот е многу добра личност и многу добар специјалист. Во текот на таа една година немавме никакви конфликти, ниту пак желба да се разделиме. Баш напротив, се радувам на неговото доаѓање во Ѕвездениот град каде наскоро ќе се одржи официјална церемонија и веќе ми недостига“.
Михаил Корниенко и Скот Кели ја започнаа својата вселенска мисија на 27 март 2015 година. Тие беа лансирани во вселената од Казахстан, со помош на вселенското летало „Soyuz TMA-16M“ и живееа на Меѓународната вселенска станица во рок од последователни 340 дена. На Земјата се вратија заедно со уште еден член – рускиот космонаут Сергеј Волков кој помина 182 дена во вселената.
За САД, ова беше најдолгата мисија во вселената досега, додека советските и руските космонаути и претходно имале дури и подолги мисии. Во 1988 година, Валериј Полјаков и Муса Минаров поминале 365 дена на руската вселенска станица „Мир“ и потоа во 1995 година Валериј Полјаков поминал 437 дена во орбитата, поставувајќи светски рекорд за најдолг престој во вселената.
По враќањето на Кели, Корниенко и Волков, мисијата на Меѓународната вселенска станица ја продолжуваат Јуриј Маленченко од Русија, Тимоти Копра од НАСА и Тимоти Пик од Велика Британија, како 47 експедиција на станицата.