Научниците, со помош на најголемиот акцелератор на честички во светот – Големиот хадронски судирач, судираат честички со највисока енергија досега, на температури 100.000 пати повисоки од оние во центарот на Сонцето, со што се создава состојба многу слична на онаа по Големата експлозија (Биг Бенг), објаснува Лаура Фабиети, професор на Одделот за физика, која заедно со д-р Торстен Демс ги предводи двете експериментални групи на „ALICE“.
Научниците успеале да создадат т.н. кварк-глуон плазма, која најверојатно се формирала една микросекунда по Големата експлозија, кога универзумот започнал да се шири со голема брзина. И покрај тоа што плазмата во лабораториски услови е стабилна само еден дел од секундата, научниците имале можност да погледнат во минатото на универзумот.
Асиметријата на материјата и антиматеријата останува мистерија
Ова е една од најголемите мистерии на човештвото. Според теоремата за полнеж, паритет и време, постои фундаментална симетрија помеѓу честичките и античестичките во нашиот универзум, што значи дека не би требало да има разлика помеѓу нашиот универзумот, и некој друг универзум каде што сите честички се заменети со античестички, или обратно. Но, сепак мора да има разлика бидејќи теоријата вели дека за време на Големата експлозија се произвело еднакво количество на материја и антиматерија. А кога честичките и античестичките ќе се спојат, се поништуваат. Но, денес гледаме само честички, односно само материја, што значи дека мора да постои нерамнотежа.
Попрецизни мерења
Физичарите се во потрага по докази за поништување на теоремата, што би ја објаснило постоечката асиметрија на материјата и антиматеријата. „ALICE“ се обидува да направи разлика со помош на прецизни мерења на својствата на честичките и нивните античестички кои се создаваат при судирите на честичките во Големиот хадронски судирач.
Во сегашното истражување, научниците го проучувале односот маса-полнеж на јадра на хелиум-3 и деутериум, и нивните античестички. Резултатите објавени во „Nature Physics“ се најпрецизните мерења во оваа област досега и во моментов ја потврдуваат теоремата.
Научниците продолжуваат да работат на подобрување на детекторите на „ALICE“ за истражувањата да бидат уште попрецизни. „Во моментов можеме да снимиме 500 судири во секунда“, вели Фабиети. „Наскоро би требало да бидат 50.000“.