Галактичкиот ореол околку Млечниот Пат, во кој се наоѓа и Земјата, воглавно го сочинуваат остатоци од сударот кој настанал пред околу десет милијарди години со друга галаксија – велат тим од астрономи од Универзитетот во Гронинген за научното списание Nature.
За да се проверат различните теории за тоа дали големите галаксии како нашиот Млечен Пат се резултат на спојување на помали галаксии, астрономите ги анализирале податоците кои ги собрал Европскиот вселенски телескоп “Gea”, кој во орбитата околу Земјата е лансиран во 2013 година.
Телескопскиот сателит направил тродимензионална мапа на скоро 1,7 милијарди ѕвезди во галаксијата Млечен Пат, од кои е возможно да се одреди оддалеченоста од Земјата и брзината.
„Не очекувавме дека поголемиот дел од ѕвездите што го сочинуваат ореолот ќе имаат заедничко потекло“, изјави Амна Хелми, астроном од Универзитетот во Гронинген во Холандија, и ко-автор на студијата.
“Сепак, се покажа дека ѕвездите формираат прилично хомогена група, а покрај ова, нивниот хемиски потпис јасно се разликува од првобитните ѕвезди на Млечниот Пат“, додава таа.
Истражувачите успеале во три димензии да го реконструираат доаѓањето на тие ѕвезди низ времето.
„Тие видеозаписи од реконструкцијата им овозможуваат на астрономите да проучат како се формирала нашата галаксија и како се развивала понатаму“, пишува Ким Вен, астроном од Универзитетот во Викторија во Канада.
Амина Хелми и нејзините колеги успеале да утврдат дека сударот со друга галаксија се случил пред 10 милијарди години, околу 3,8 миијарди години по Биг Бенг.
Оваа галаксија тимот ја нарекол Геа-Енкелад по телескопот Gea и џинот Енкелад од грчката митологија, кој според античките преданија, како поразен во една борба на џиновите бил затрупан под вулканот Етна на Сицилија, од каде и денес се обидува да излезе и со неговите движења предизвикува земјотреси.