Една од причините поради кои некои луѓе се одлучуваат да му дадат сирово месо на своето милениче,е затоа што мислат дека за нив тoa e природно. Во последно време расте популарноста на сирови намирници за домашни миленици, но заедно со неа растат и контроверзните сугестии од страна на производителите.
Сировото месо може потенцијално да го загрози здравјето на вашите миленици, како и вашето – предупредуваат научниците.
Студијата која е спроведена за проучвање на замрзнатите сирови месни производи кои се продаваат во многу продавници за домашни миленици и многу супермаркети низ Холандија, покажа дека ваквиот потег е загрижувачки бидејќи таквото месо содржи високо ниво на паразити и бактерии. Студијата е објавена во списанието Vet Record.
Меѓу останатото, во таквото месо се пронајдени бактерии како ешерихија коли, листерија и салмонела, кои предизвикуваат разни видови на инфекции, од благи па се до тешки, и паразитот токсоплазмоза кој домашните миленици можат да го пренесат на човек.
“Сосема е јасно дека комерцијалните производи базирани на сирово месо можат да бидат контаминирани со различни зоонозни паразитски и бактериски патогени”, пишуваат авторите на студијата.
Од сите овие патогени може да се разболат животните, но исто така и луѓе кои доаѓаат во контакт со сирово месо или со заразени животни. Од 35 комерцијални производи, 8 биле заразени со ешерихија коли, што е опасна и за човекот, а секој петти производ содржел траги од салмонела или поточно секој втор производ содржи траги од листерија. Два производи биле инфицирани со токсоплазма гонди.
“Ова е спротивно од сувата и конзервирана класична храна за кучиња и мачки што е ретко контаминирана со патогени”, велат научниците. “Важно е луѓето да бидат информирани за сите можни ризици од хранење на своите миленици со сирово месо, исто колку за личната хигиена и за потребата од правилно постапување со сировото месо”, пишуваат во студијата.
Во исто време разните тврдења дека сировото месо содржи повеќе хранливи материи не е поддржано со докази.
































