Случајно откриен лек за рак?

Маларијата е болест што ја предизвикува паразитот „Plasmodium“. Меѓу луѓето болеста се шири преку убод од заразени комарци и според УНИЦЕФ, убива и до еден милион луѓе годишно.

Маларијата е особено опасна за бремените жени бидејќи ја напаѓа плацентата со што се загрозува и животот на бебето. Работејќи на решавање на овие специфични инфекции, научниците од Универзитетот во Данска дошле до неверојатно сознание. Поради сличните карактеристики на туморите и плацентата, истите техники што маларијата ги користи да ја нападне и уништи плацентата, може да се користат и за уништување на клетките на ракот.

Истражувачите откриле дека јаглехидратите на кои паразитот на маларија се закачува во плацентата на бремена жена, се идентични со јаглехидратите што се наоѓаат во клетките од ракот.  

„Со децении научниците се обидуваат да најдат сличности помеѓу плацентата и туморите. Плацентата е орган кој само за неколку месеци расте од неколку клетки до орган кој тежи скоро еден килограм и го снабдува ембрионот со кислород и хранливи материи во релативно различна средина. На некој начин, може да се каже дека и туморите го прават истото – растат многу агресивно во релативно различна средина“- вели авторот на студијата Али Саланти.

Во лабораториски услови истражувачите го создале протеинот што паразитот на маларија го користи за да се залепи за плацентата и додале токсин што убива канцерски клетки. Оваа комбинација се покажала смртоносна и во лабораториските испитувања и била до 90 проценти ефикасна во уништувањето на примероци од различни видови на рак. Оваа комбинација била исто така успешно тестирана и на глувци на кои им биле имплантирани различни видови на рак карактеристични за луѓето.

Ќе бидат потребни најмалку четири години пред да започнат тестирања на луѓе, но истражувачите веруваат дека со ова е направен голем напредок во истражувањата за третман на рак.

Поддржете ја нашата работа: