Сомовите јадат глувци, а никој незнае како

Научниците откриле сомови кои се хранат со глувци. Но, како сомовите ги фатиле глувците?

Познато е дека некои видови на сомови успеваат да уловат гулаби кои стојат на работ на водата, со што го добиле прекарот „слатководни китови убијци“. Но, овие видови на сомови најверојатно се само опортунисти кои го фаќаат животното кога тоа се дави.

Научниците анализирале 18 сомови од видот „Neoarius graeffei“ од реката Ашбартон во северна Австралија и откриле дека овие риби можат да конзумираат големо количество на мали земјени животни, кога ќе имаат шанса за тоа.

Речиси половина од рибите имале глувци во својот стомак. Кај некои од нив неверојатни 95% од стомакот го сочинувале мали цицачи, додека две риби имале по три животинчиња во својот стомак.

Овие сомови можат да растат до половина метар во должина и да тежат до 1,5 килограм. Тие се застапени во сушните подрачја на реките во северозападна Австралија, па нивната исхрана е важна за да се разберат локалните екосистеми.

Научниците сметале дека се хранат главно со безрбетници кои живеат во водата, како и со растенија, со повремено додавање на овошје и копнени инсекти, особено за време на поплавите во влажните сезони, што го прави ова откритие навистина неверојатно.

Научниците не знаат како рибите добиваат пристап до глувците или колку често се случува тоа, но сметаат дека поројните дождови може да имаат улога во тоа, кога ќе им се поплави колонијата па глувците ќе завршат во вода.

Доколку ова е тоа што се случува, глувците може да се во поголема опасност како што се зголемуваат климатските промени, а со тоа доаѓаат поголеми периоди на суши и поројни дождови, што може да ја промени исхраната на овие риби.

Истражувањето е објавено во „Journal of Arid Environments“.

Поддржете ја нашата работа: