SpaceX лансира во недела и ќе призејмува на платформа во море

Приватна компанија објави дека ќе се обиде да го повтори истиот успех, но овој пат ракетата Фалкон 9 ќе ја спушти на далечински контролирана платформа поставена во море.

Само еден месец по историскиот успех што го постигна со лансирањето на ракета во вселената и успешното призејмување на едниот нејзин дел, компанијата „СпејсЕкс“ е на прагот на нов рекорд.

Компанијата планира да го изведе лансирањето на уште една од своите Фалкон 9 ракети на 17 јануари, од воздушната база Вандерберг во Калифорнија.

Целта на мисијата е да го однесе сателитот за океански надгледувања на НАСА, Џејсон-3, во вселената. Но, највозбудливиот настан ќе започне дури и пред товарот да биде однесен, бидејќи „СпејсЕкс“ ќе се обиде успешно да го приземји првиот дел од ракетата на подвижна платформа поставена во море.

Според извештајот на „Ројтерс“, приближно 2 минути по полетувањето на Фалкон 9, првиот дел ќе се одвои од остатокот од ракетата, ќе се заврти, со вклучување на моторите ќе го успори падот и со помош на „нозе“ ќе се обиде да се спушти на пловечката платформа во Тихиот Океан.

del1

При конвенционалните ракетни летови, првиот дел –кој носи огромно количество на гориво, се отфрла веднаш по полетувањето, но оваа операција е многу скапа. Според проценките на Илон Маск, основач и извршен директор на „СпејсЕкс“, вредноста на оваа компонента на ракетите Фалкон 9 изнесува околу 61 милион американски долари, од кои вредноста на горивото што го носи изнесува 200 илјади долари. „СпејсЕкс“ вложува во развој на нови технологии што ќе овозможат повторно да се искористат делови од ракетите, со што драстично би се намалиле трошоците за вселенските лансирања, според некои проценки дури и до 100 пати.

Оваа не е прв обид на „СпејсЕкс“ да ги приземји своите ракети на море. Компанијата претходно имаше едно неуспешно слетување, но, после минатомесечниот успех, високи се надежите дека овој пат мисијата ќе биде успешна.

Интересно е тоа што ракетата што ќе биде користена во претстојното лансирање е постара верзија на Фалкон 9 од онаа што беше користена минатиот месец, велат од „СпејсЕкс“.

Компанијата има намера да ја повлече од употреба ракетата Фалкон 9 која го постигна историскиот успех минатиот месец. После тестирања со кои ќе се потврди дека може да лета, најверојатно, ракетата ќе биде некаде изложена како еден вид на уникат.

„СпејсЕкс“ веројатно ќе го пренесува во живо настанот оваа недела, а деталите за вклучувањето ќе ги дознаеме наскоро.

Поддржете ја нашата работа: