Стивен Хокинг започнува потрага по вонземјани

Британскиот космолог Стивен Хокинг ја започнува досега најголемата потрага по интелигентен вонземски живот. Тој започна 10-годишен проект од 135 милиони долари. Рускиот претприемач Јуриј Милнер кој ја финансира иницијативата позната како „Breakthrough Listen“, вели дека ова ќе биде досега најинтензивната научна потрага по знаци за интелигентен вонземен живот.

„Во овој бесконечен универзум мора да има и други форми на живот“, изјави Хокинг на настанот кој се одржа вчера на Академијата на Кралското астрономско друштво во Лондон, во чест на 46-годишнината од првиот чекор на Месечината. „Некаде во вселената, можеби, не набљудуваат интелигентни форми на живот. Како и да е, нема поголемо прашање од ова. Време е да се посветиме на пронаоѓање на одговорот, да бараме живот надвор од Земјата. Мора да знаеме“.


Проектот ќе користи некои од најголемите телескопи на Земјата и ќе бара радио спектари и ласерски сигнали многу подалеку во вселената од досега.

Јуриј Милнер вели дека овој проект, следејќи ги милионите најблиски ѕвезди, центарот на Млечниот Пат и 100-те најблиски галаксии, ќе собере повеќе податоци во еден ден отколку една година од претходните истражувања.

Телескопите на Земјата ќе бидат во можност да детектираат сигнал од слична технологија од центарот на Млечниот Пат. „Не треба да претпоставуваме дека другите потенцијални цивилизации се многу поразвиени од нас“, вели Милнер. „Ризикот е голем, се разбира, но дури и ако шансите за успех се мали, резултатите би биле колосални“.

Австралија ќе игра клучна улога во проектот, со оглед на фактот што опсерваторијата Паркес во Нов Јужен Велс склучи милионски договор за скенирање на радио бранови за живот во вселената. „Радио брановите се ефикасен начин за пренесување на информации и веројатно е дека вонземјаните (ако воопшто комуницираат) ќе го користат радискиот дел од спектарот“, вели професорот Метју Бејлс од Универзитетот Свинбурн во Мелбурн, кој ќе биде главниот истражувач во опсерваторијата. „Знаеме дека има многу други светови таму, но дали има мали интелигентни зелени човечиња на нив се’ уште не знаеме“, вели тој.

Потрагата по интелигентен живот во вселената зазема сосема ново ниво. Време е да ги отвориме нашите очи, уши и умови на космосот.

Поддржете ја нашата работа: