Предмети од животот на Стивен Хокинг одат на аукција

Аукциската куќа Christie’s ќе понуди на продажба неколку дела од славниот физичар, како и еден помалку необичен предмет – неговата прва инвалидска количка.

Во март, оваа година, светот остана без еден од најголемите научници во историјата, кога по повеќедецениска борба со АЛС (болест на моторните неврони) амиотрофична латерална склероза, почина Стивен Хокинг.

За неговото нематеријално наследство во неколку полиња на физиката и космологијата, досега сме пишувале, а сега е ред да се позанимаваме и со неколку предмети кои големиот британски физичар ги остави позади себе.

Неколку предмети кои биле блиску поврзани со животот на овој славен научник, аукциската куќа Christie’s ќе им ги понуди за заинтересираните колекционери.

Предметите, ќе бидат онлајн достапни од 31 октомври до 8 ноември оваа година, вклучувајќи и неколку негови научни трудови, неговата изворна докторска дисертација, книгата “Кратка историја на времето” потпишана со отисок од прст, и сценарието за епизодата на Симпсонови во која еднаш се појави.

Освен овие хартиени предмети, можат да се најдат и некои навистина посебни сувенири. Аукциската куќа се спреми за продажба на најатрактивниот предмет – оригиналната инвалидска количка која Хокинг ја користел кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век.

Ова е најстарата количка која ја користел научникот и една од првите моторизирани кои ги набавил. Цената на количката се очекува да биде околу 10 до 15 000 фунти.
Приходите остварени од продажбата на количката на Хокинг ќе бидат испратени до неговата фондација и до здружението Motor Neurone Disease Association.

Поддржете ја нашата работа: