Шведската тинејџерка Грета Тунберг, која стана популарна по својата борба против климатските промени, е номинирана за Нобеловата награда за мир. Номинацијата доаѓа како признание за нејзиниот активизам предводејќи ја најголемата младинска кампања за климатски промени.
Три норвешки законодавци го предложија името на 16-годишната активистка.
„Ние ја номиниравме Грета бидејќи климатската закана може да биде една од најважните причини за војна и конфликт“, рече парламентарниот претставник Фреди Андре Овстегорд.
„Масовното движење што го покрена Грета е многу важен придонес за мирот“, додаде тој.
Активистката, која беше именувана од магазинот „Тајм“ меѓу највлијателните тинејџери за 2018 година, инспирираше стотици илјади ученици низ светот да одржат штрајк барајќи од своите власти посериозен пристап кон решавање на проблемот со климатските промени.
Според последниот извештај на Обединетите Нации, глобалните температури би можеле да пораснат до 1,5 степени Целзиусови, праг што научниците сметаат дека ќе донесе сериозни последици за планетата, најбрзо до 2030 година ако емисиите на стакленичките гасови продолжат со сегашната стапка.
Во декември минатата година, Тунберг зборуваше на Конференцијата за климатски промени на ОН во Полска, каде ги критикуваше законодавците и владините тела за нивната недоволна ажурност.
На Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, таа го заврши својот говор со реченицата дека светските лидери „мора да се однесуваат како нашата куќа да гори, бидејќи се случува тоа“.
Како дел од движењето #FridaysForFuture („Петоци за почеток“) кое го покрена оваа активистка, десетици илјади млади луѓе низ светот излегуваат од своите училници и организираа протести во петок, марширајќи за промена.
Утре се очекува да се случуваат протести во стотици градови низ светот, меѓу кои и во Скопје.
„Мислам дека само го гледаме почетокот. Мислам дека промената е на повидок и дека луѓето ќе се заложат за својата иднина“, рече Тунберг во интервју за Гардијан.
Извор: Радио МОФ