Вештачкиот остров на Северното Море, кој ќе обезбеди обновлива енергија за 80 милиони луѓе во Европа, треба да се отвори во 2027 година, пишува Daily Mail.
„ТенеТ“, национална енергетска компанија од Холандија, има план да изгради вештачки остров во средината на Северното Море, што треба да служи како поддршка за најголемата светска фарма со ветерници. Островот ќе биде сместен во Догер Банк, подводен песочен рид што се наоѓа на 100 километри североисточно од брегот на Англија, кон Данска.
Догер Банк е исклучително плиток. Се наоѓа на само 20 метри длабочина и опфаќа површина од 260 километри, со широчина од околу 65 километри. Поради ова, Догер Банк е идеално место за изградба на поголема фарма со ветерници, како и вештачки острови. Поради својата позиција, електричната енергија што таму ќе се произведува ќе биде во опсег на пет европски земји.
Вештачкиот остров ќе служи како центар за собирање на генерираната електрична енергија, а поради близината на ветерниците, трошоците за одржување ќе бидат многу пониски. Со кабли, енергијата ќе може да биде испратена во Холандија, Велика Британија, Белгија, Германија и во Данска.
Со споредување на областа што ја заземаат ветерниците и производството на енергија, тие генерираат до 400 пати помалку енергија во споредба со нуклеарните централи. Затоа, ќе се постават фарми со ветерници на поголемо растојание од брегот, некаде во средината на морето.
Фармата што ќе ја создава „ТенеТ“ треба да произведува 30 GW на површина од 6.000 квадратни километри. Оваа сила е приближно двојно поголема од вкупната сила што моментално се генерира преку сите морски ветроводи во Европа.
Ако работите се одвиваат според планот, ветерната електрана, која ќе биде 15 пати поголема од Њујорк, треба да биде изградена помеѓу 2030 и 2050 година, а градењето би можело да почне веднаш штом ќе завршат преговорите со земјите членки на ЕУ. Цената за изградба не е позната, но „ТенеТ“ проценува дека изградбата на островот би можела да чини околу 1,5 милијарда евра.