(ВИДЕО) За прв пат – Вештачка Интелигенција победува човек!

Компјутерските научници од одделот за вештачка интелигенција на Гугл, во Велика Британија, постигнаа имресивен рекорд, со тоа што со нивниот вештачки систем за прв пат успеа да победи човечки шампион, во древната кинеска игра „Go“.

Кинеската игра „Go“ датира од пред повеќе од 2.500 години и иако се споредува со шахот во однос на стратешкиот предизвик, таа е многу покомплицирана во однос на математичките можности. Истражувачите велат дека иако навидум изгледа како едноставна игра, бројот на можни позиции е поголем од бројот на атомите во универзумот.

Во зависност од големината на таблата на која се поставуваат каменчињата со кои се игра играта, истражувачите од Гугл проценуваат дека бројот на можни позиции е 10.170, што го прави уште поинтересен предизвикот да се развие вештачка интелигенција која ќе ја совлада играта.

За таа цел, истражувачите развиле нов систем наречен „AlphaGo“ кој комбинирал напредно пребарување со длабоки нервни мрежи. Нервните мрежи биле истренирани на околу 30 милиони потези според човечки експерти, до точка каде што системот научил да ги предвидува потезите на противникот во 57% од времето, што го надминува претходниот рекорд од 44%.

Првиот јавен предизвик на вештачкиот систем „AlphaGo“ бил турнир против други програми, каде што изгубил само една од вкупно 500 одиграни игри, но вистинскиот тест започнал со играта против трократниот европски шампион– Фан Хуи.

Вештачкиот систем освоил 5 натпревари и не загубил ниту еднаш од човечкиот шампион. Погледнете го видеото каде што може да ги забележите и реакциите на шамионот кои претставуваат мешавина од фрустрација и восхит, поради тоа што е надитрен од машина.

„Проблемот е тоа што ние сме луѓе и правиме грешки – понекогаш сме изморени, понекогаш сме под притисок од што сакаме да победиме“, вели Фан. „Програмата не е таква. Таа е многу силна и стабилна – како ѕид! Разликата е огромна и доколку не ми кажеа дека играм против компјутер, ќе мислев дека играм против многу чуден, но силен противник“, објаснува тој.

Следниот предизвик за оваа вештачка интелигенција е Ли Седол од Јужна Кореа кој во текот на изминатава деценија се смета за најдобар играч на „Go“ во светот. Натпреварот е закажан за март, па со нетрпение го очекуваме.

Истражувањето е објавено во „Nature“.

Поддржете ја нашата работа: